Рекордно ниски температури и големи снежни наноси денеска го зафатија САД, од Средниот запад па се до источниот брег на државата, пренесува Би-би-си.
Лошите временски услови однесоа најмалку шест животи во неколку сојузни држави во САД, а температурите паднаа до минус 45 степени целзиусови во Чикаго и минус 54 во Северна Дакота.
Се проценува дека поларните временските услови ќе допрат до 250 милиони Американци, 90 милиони ќе почувствуваат температури пониски од минус 17 степени целзиусови, а 20 милиони жители на САД до крајот на неделата ќе мораат да се справуваат со температури пониски и од 28 целзиусови степени.
Дополнително, до крајот на оваа недела се очекуваат и високи наноси на снег во регионот на Њу Ингланд, во сојузната држава Висконсин се предвидуваат 60 сантиметри снег, додека во Илиноис се очекуваат околку 15.
Поради ниските температури прогласена е вонредна состојба во сојузните држави Висконсин, Мичиген и Илиноис, но и во појужните места како Алабама и Мисисипи.
Поради вонредните услови, илјадници училишта се затворени во гореспоментатите држави, а откажани се и најмалку 1,300 авионски летови, главно од градот Чикаго. Американската национална пошта исто така откажа голем број на пратки во регионите, а Националниот сервис за метеорологија им препорача на граѓаните, со цел да го заштитат своето здравје, да не излегуваат на отворено на повеќе од 10-тина минути.