Вашингтон и неговите најблиски сојузници отворено спроведуваат политика чија цел е соборување на легитимната власт во Каракас, изјави денеска шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
– Загрижени сме поради тоа што САД и нејзините најблиски сојузници и прават на Венецуела, кршејќи ги сите можни норми на меѓународното право и отворено водат политика за соборување на легитимната Влада на латиноамериканската земја – посочи Лавров.
Тој додаде дека опозицијата во Венецуела добива инструкции од Вашингтон да не се согласи на отстапки.
– Според нашите извори, опозициските лидери кои прогласија паралелна власт всушност добиваат инструкции од Вашингтон да не прифаќаат никакви отстапки, додека власта не се согласи да абдицира на овој или оној начин – истакна Лавров.
Рускиот министер за надворешни работи потенцира дека Москва и пружа поддршка на Владата на претседателот Николас Мадуро со почитување на Уставот на Венецуела.
Тој додаде и дека одлуката американските компании кои соработуваат со Венецуела да бидат изземени од санкциите претставува доказ за намерата на Вашингтон да ја смени Владата во земјата и да извлече профит.