По горчливото искуство со ветото што Грција го стави на зачленувањето на Македонија во НАТО во 2008 година, нова дилема се актуализира деновиве меѓу експертската јавност во земјава откако лидерот на грчката опозициска Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, порача дека процесот на интеграција на земјава во Европската Унија не е поврзан со спогодбата од Преспа и дека тој, како потенцијален иден премиер, ќе стави вето на нејзиното зачленување во Унијата
Постои ли цврста гаранција дека Грција нема повторно да ја блокира Македонија, овој пат во процесот на зачленување во Европската Унија, и покрај ратификувањето на договорот од Преспа и промената на уставното име? Поточно, колку спогодбата е долговечна е дилемата што се актуализира деновиве меѓу експертската јавност во земјава, откако лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, порача дека процесот на интеграција во Европската Унија не е поврзан со спогодбата и дека тој, како потенцијален иден премиер, ќе стави вето на зачленувањето на Македонија во ЕУ. Наспроти тоа се најавите на претставниците на актуелната власт во Грција за подобрување на политичките односи меѓу двете земји, за кои познавачите на состојбите велат дека, сепак, е рано да се зборува. Што се однесува до можни блокади во иднина, некои од нив велат дека тие се можни и по ратификацијата на Преспанската спогодба во грчкиот парламент. Други сметаат дека Грција нема да може да си дозволи таков луксуз, бидејќи зад спогодбата стои меѓународниот фактор.
Според поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски, ветото од Грција останува како можност за попречување кон евроатлантскиот пат на секој следен чекор на Македонија што нема да ѝ се допаѓа на официјална Атина во иднина.
– Разнебитувањето на македонскиот народ и бришењето на неговата држава е долгорочен процес, кој како свој симбол го има името на државата. Врз таа основа долго време не нѐ признаваа како независна држава, ни го суспендираа името во ОН, ни наметнаа привремена спогодба, ни организираа „ослободителна војна“ за територии во 2001 година, ни направија блокада, уцена и ултиматум во 2008 година и така дојдовме до договорите со Бугарија и Грција и до законот за двојазичност. Тоа е своевидно финале на тој процес, ама не и крај на нашите маки. Тие ќе продолжат за време на преговорите со ЕУ и тогаш ќе ни се оспори и јазикот македонски, државјанството ќе стане северномакедонско, а ние ќе бидеме зомби-народ. Така, ветувањата што ги дава Мицотакис за блокадите што ќе нѐ чекаат при преговорите за ЕУ се одамна планирана реалност. Тука своја улога ќе имаат не само Бугарија и Грција туку и Кипар и други држави. Тоа мора да им биде јасно на сите наши политичари што направија историска капитулација и предавство на сѐ што е македонско – вели Никовски.
Од друга страна, пак, професорот по меѓународно право Лазар Лазаров тврди дека спогодбата е долговечна и не постојат никакви изгледи Грција да не се согласи со почнување на преговорите меѓу Македонија и Европската комисија за влез во Европската Унија и покрај промената на власта во Атина, кога и да се случи. Според него, најавите на грчката опозиција дека Македонија, и покрај промената на името, ќе биде блокирана при влезот во ЕУ се чиста пропаганда и служат за собирање политички поени кај грчката јавност во предизборниот период. Како што вели Лазаров, со пристапните преговори на Македонија со ЕУ, Грција нема да е губитник, а сите ќе добиеме.
– Ова е чиста пропаганда. Целта на Мицотакис е да собере некој ситен политички поен и да направи нешто повеќе пред изборите што следуваат во земјата. Меѓутоа, реално тој ништо не може да стори во таа насока, бидејќи е невозможно оваа спогодба да ја укине или и со неа повторно да нѐ блокира. Таа ќе има меѓународни гаранции во ОН, ЕУ и Америка. Велам сѐ се сведува на предизборна пропаганда, која е актуелна во моментов во Грција и има за цел собирање поени кај народот и да се покаже дека нешто може да се стори – тврди Лазаров.
Професорот Лазаров хипотетички објаснува дека и да падне владата на Ципрас и Мицотакис да дојде на власт, меѓународните гаранти ЕУ, САД и ОН нема да дозволат Македонија повторно да биде блокирана од Грција овој пат пред вратите на Унијата.
– Речиси сите меѓународни фактори, преку посредникот Метју Нимиц, со години настојуваа да се најде решение меѓу двете земји и ни беа и се цврста гаранција дека од договореното нема да се мрда. Интересен факт е што оваа спогодба е во интерес и на Грција и на грчкиот народ, кои преку спогодбата добиваат сојузници од Македонците, а вечното непријателство што нѐ следеше низ годините сега ќе премине во пријателство, кое може да ја отвори економската, културната и секоја друга перспектива на двете земји – завршува Лазаров.
Следува протоколот за НАТО
Сега, според најавите, македонската јавност во наредните неколку недели ќе биде во очекување на уште едно гласање од страна на грчките пратеници – за пристапниот протокол за НАТО за Република Северна Македонија. Грција, според договорот, треба да биде првата земја што ќе даде зелено светло за членството во Алијансата. За да се случи тоа, Македонија треба прво да го потпише пристапниот протокол, што, според изјавите на владини претставници, може да се очекува во наредните неколку недели.
Туск: Невозможната мисија се исполни!
Голем број меѓународни и домашни честитки и реакции вчера пристигнуваа преку социјалните мрежи по ратификацијата на Преспанскиот договор во Атина. Прв што се јави по ратификацијата на договорот во грчкиот парламент на социјалните мрежи беше еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Тој на Твитер го нарече решавањето на спорот за името „историски исчекор“ за двете земји, за регионот и за Европа во целост.
– Им аплаудирам на лидерите од двете страни за нивната храброст и визија – напиша Хан.
Овој успех, додаде тој, немаше да се случи без јасната перспектива за членство во ЕУ за наскоро именуваната Северна Македонија.
И претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, меѓу првите честита, и тоа на македонски јазик на Твитер.
– Тие имаа имагинација, тие го презедоа ризикот, тие беа подготвени да ги жртвуваат сопствените интереси за општото добро. Зоран, Алексис – браво! Невозможната мисија се исполни – напиша Туск.
На домашната сцена прв што објави честитки беше премиерот Зоран Заев, кој на Фејсбук му се заблагодари на Алексис Ципрас со зборовите дека нашите народи испишале историска победа.
– Нека е вечен договорот од Преспа, нека се вечни мирот и прогресот на Балканот и во Европа – напиша Заев.
Веднаш по него се јави и професорката Билјана Ванковска.
– Од овој момент натаму, секое споменување на Република Македонија во јавниот дискурс е знак на непокор и отпор кон оваа власт! (Фејсбук не се важи за јавен простор.) – напиша Ванковска.
Со свое мислење излезе и Здравко Савевски од Левица. Тој на својот фејсбук-профил порача: „На здравје да ни е новата вазалска држава од азиско-африкански тип“.
– И во Грција исто како кај нас, го ратификуваа договорот од Преспа преку купување пратеници. Е, дури сега ќе спласне национализмот и овде и таму, ќе расцвета демократијата, животниот стандард ќе рокне до небо и ќе влеземе во ЕУ… во 2050-та или само уште некоја година потоа – објави Савевски.