Претседателот на Независни Грци и до неодамна коалициски партнер во владата, Панос Каменос, преку неговиот Твитер профил, утрово побара масовни оставки на пратениците за да се спречи ратификацијата на Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.
-До 14 часот можеме да го блокираме гласањето на Договорот од Преспа со оставка на 101 пратеник. Прв ја потпишувам мојата оставка, напиша Каменос и упати повик до Мицотакис за оставка.
Μέχρι τις 14:00 μπορούμε να μπλοκάρουμε την ψήφιση της συνθήκης των Πρεσπών παραιτούμενοι 101 βουλευτές, υπογράφω την δική μου παραίτηση πρώτος, αποδείξτε κ Μητσοτάκη ότι δεν θα ανακουφιστείτε με την ψήφο των εφιαλτών ΤΩΡΑ ΠΑΡΑΙΤΗΣΗ
— Panos Kammenos (@PanosKammenos) January 25, 2019
Со сличен предлог за време на расправата во грчкиот Парламент во изминатите два дена излезе и лидерот на Златна зора, Никос Михалољакос, кој тврдеше дека ако неговите пратеници, пратениците од Нова демократија и од ПАСОК си поднесат оставки тогаш, според него треба да се распишат избори, а слични шпекулации излегоа и во дел од медиумите.
Меѓутоа, пратеници од СИРИЗА и од Нова демократија во нивните говори ги демантираа и ги отфрлија ваквите сценарија, објаснувајќи дека грчкиот Устав не предвидува такво нешто.
Панос Каменос, неговото обраќање за време на расправата за ратификација на Договорот од Преспа, доцна синоќа го започна велејќи дека можеби е последен пат што говори како претседател на Независни Грци во актуелниот Парламент, бидејќи „група од владејачката СИРИЗА заедно со претседателот на парламентот веќе работат на сценариото за распаѓање на пратеничката група на Независни Грци, како што направија со Река“.
Лидерот на Независни Грци ја коментираше фотографијата на Зоран Заев со Џорџ Сорос, која македонскиот премиер ја објави вчера на Твитер.
-Пред три часа, неслучајно, претседателот на организациите за глобализација, заедно со Фондацијата Клинтон, Џорџ Сорос, се сликаше со господинот Заев. Се сликаа заедно во Швајцарија и долу во коментар се честитките од господинот Џорџ Сорос до господинот Заев за Договорот од Преспа и во суштина, почеток на спроведувањето на планот за распаѓање на Грција, рече Каменос, а од собраниската говорница ја покажа фотографијата на Сорос и Заев.
Додаде дека „за тоа кој работи за Сорос ќе видиме многу брзо правдата и некои судии ќе отворат сметки на некои“ и истакна дека ако не го сторат тоа обвинителите, ќе го сторат тие.
Во однос на Договорот од Преспа го повтори неговиот став, говореше за предавство и рече дека за „за неколку часа Македонија нема да биде грчка“.