Премиерот Зоран Заев денеска од Давос порача дека пред една година на Светскиот економски форум е отворена иднината за Македонија, откако тој и грчкиот премиер Алексис Ципрас лани во швајцарското одмаралиште ги поставија контурите на Договорот од Преспа, а по една година се отвораат економските врати за земјата, јавува МИА.
– Пред точно една година, овде во Давос, со премиерот на Република Грција, господинот Алексис Ципрас, за првпат направивме средба и ја отворивме иднината за нашата земја. Постигнавме договор за иднината на Македонија. За сегашните и идните генерации ги отворивме портите за надежна и перспективна иднина на нашите граѓани. Еве сега, после една година сум овде со потпретседателот за економски прашања на Владата на Република Македонија, господинот Кочо Анѓушев, и со министерот за економија, господинот Крешник Бектеши, влезени комплетно и целосно во економска агенда. Овде, оваа година ги отвораме економските врати за перспективната иднина на нашата земја, Република Македонија – истакна Заев во изјавата по првиот работен ден од Светскиот економски форум.
Премиерот учествуваше на панел дискусии и оствари бројни средби во рамките на работната политичка и економска агенда, за време на неговото учество на Светскиот економски форум.
Истакна дека верува дека оваа можност, што и се дава на земјата како покана втор пат да биде присутна во Давос потврдува дека Македонија е дел од глобалниот демократски свет и дел од сите планови на економиите коишто светот ги развива и ги планира во претстојниот период.
-Ја користиме токму оваа прилика да ги оствариме состаноците коишто се вредни за Македонија и коишто треба да донесат бенефит преку инвестициите. Зборуваме на состаноци и со Гугл, и со Циско и со Филипс, и со Сан Груп од Индија, и со многу други компании од автомобилската индустрија, од техничките индустрии, коишто имаат интерес во целиот овој наш регион, па и во нашата земја Република Македонија – нагласи Заев.
Премиерот нагласи оти се остварени средби со претставници на компании од Западна Европа, од Југоисточна Европа, но и од Блискиот Исток, а, како што додаде, се надеваат на средби дури и со компании од Кина, Кореја, Јапонија, САД.
-Целата наша задача е да ги мотивираме колку што може повеќе компании да имаат фокус кон Македонија. Сега и амбиентот е поинаков, сите знаат дека Македонија е безбедна и стабилна земја, идна или следна членка на НАТО Алијансата, земја со перспективи кои што очекуваат да отворат поглавја со Европската унија. Сето тоа ги овозможува разговорите многу по надежни, многу по перспективни и навистина имам право да кажам дека сето ова кое што од овде го имам како впечаток дефинитивно носи убава економска иднина за нашата Македонија и за сите нејзини граѓани – рече Заев.