„Европа е денес осамена куќа во која злосторството спие“, М. Крлежа
Триптихонскиот наслов на денешната наша колумна, драг читателу, е идеално контрастен и парадоксален за да фрли светлина врз сликата на западната цивилизација и на Балканот како нејзин отфрлен, проколнатнички дел. Во центарот на триптихонот е Мирослав Крлежа, сјаен ум и литерарен и филозофски гениј, кому едвај некој му е рамен во познавањето на Балканот и Европа. Освен, веројатно, уште Иво Андриќ. И двајцата тие, секој на свој начин, длабински го скенираат Балканот и homo balcanicus компаративно и во контекст со Европа и западниот европски човек. Во таа анализа на homo balcanicus, хрватскиот писател е многу поостар и понемилосрден од српскиот, а и двајцата заедно се еднакво критички настроени кон Европа и нејзиниот отуѓен човек, роб на материјалниот профит и конвертит со ѓаволот (Мефистофел), кому тој му ја продал душата. И додека Крлежа речиси не наоѓа никаква посебна интелектуална и ментална вредност во битието на балканскиот човек, која ќе го издигне него на повисоко цивилизациско ниво, Андриќ сепак наоѓа нешто вредно во неговата душа, која е според него емотивна и пред сè нексенофобична како западната, нешто што тој го смета и како балканска сервилност и самопонижение во претераната гостољубивост кон егоистичните Европејци.
Кај Крлежа го нема тоа. Она во што главно се согласува со Андриќ е дијагностичката констатација на српскиот писател за отровот на пизмата како константа, основна супстанција на душата на homo balcanicus, измешан со неговата матна емотивност.
Генералната антрополошка и психолошка дијагноза на Крлежа, пак, е дека менталната мозочна и душевна сфера на Балканецот е зафатена како помрачение од неизлечивата болест со име митоманија. Се разбира, без писателот да го негира митот како генеза, Логос на универзалното човеково спознание за микро и макротајните на постоењето, конечно на неговата интеграција со космосот. Митоманијата за Крлежа е искривената провинцијализирана слика на митот, со која на еден агресивен начин кон другите се лекуваат сопствените фрустрации. Како што е тоа навистина случај на Балканот. Е, од таа искривена ментална слика на митот, драг читателу, и ја проектира како симбол сликата на балканската крчма хрватскиот писател. Симбол на балканската на духовно ниво провинциска егзистенција. А сликата на крчмата, знаеме, секогаш има нешто окултно, темно, сугестија на сомнамбулни сенки и сништа. Впрочем, ако ја земеме и поезијата на романтичарите, таа е токму таква: зачадено и задушливо место. Во неа меѓу пијаниците и провинциските боеми на полноќ и по полноќ доаѓаат како гости вештерки и духови, а редовно со нив и најстрашниот гостин – Смртта. Се разбира, пак, таквата морбидна слика на балканската крчма на Крлежа е дадена симболички и во контекст на цивилизацијата. Која? Западната, којa исто така нема да му побегне на неговиот немилосрден аналитички скалпел.
Пo балканската, Крлежа ја скицира во крупни потези, со ингениозна интелектуална проникливост, и сликата на европската крчма, таа што ние и денес, неправедно инфериорни кон неа, ја сметаме некритички за безмалку совршен модел на цивилизација и култура. Да. Но посебно барем ние освестените од таа евроанестезија Македонци денес со европскиот антицивилизациски пример кон Македонија и Македонците ја гледаме комплетната слика, како и Крлежа, на темната крчма на западната цивилизација. А и кон Балканот воопшто, особено оној сега од нив со атрибутот западен, кој е класичен тип на резерват на пониска раса, која западните ариевци треба како повисока да ја цивилизираат за да ја примат во свое друштво.
Така, денес во некоjа пософистицирана форма, тој е аналошка слика на индијанските резервати во Америка. Можеме да кажеме дека дијагностичката слика на Крлежа за Балканот како крчма едноставно Европа широкоградо ја прифатила и злоупотребува, иако имено оттука негде тргнува цивилизацијата кон неа, и не само од античка Грција, од неа вешто фабрикуван апсолутистички културно-цивилизациски мит, запоставувајќи ги притоа сите други извори како генеза на нејзината цивилизација, вклучувајќи ги тука и оние од Блискиот Исток на Асировавилонија, а потоа, разбирливо, и на Стариот Египет подалеку без кои старогрчкиот културолошки и цивилизациски Логос тешко може и да се замисли. За македонскиот, пак, придонес во културно-цивилизациската слика на Западот, но исто така и на Истокот (пред сè во епохата на Александар Трети Македонски) и да не зборуваме. Во таа смисла особено е важен тој во нововековната епоха по Христос со македонската христијанизација на Вавилонската бриселска дама, со поставувањето на нејзините нови цивилизациски темели на јудеохристијанскиот Логос, кому таа и денес, заслепена од Дројзеновата апсолутизација на Грција како европски културно-цивилизациски примат, речиси и не му обрнува внимание. Или тоа го прави само како шминка за да ја затскрие својата паганска нарав и сè уште неизгаснатата канибалистичка страст од послабите и инфериорните во однос на себе низ светот, за што кај антрополозите што го проучувале нејзиниот цивилизациски канибализам има акрибични белешки, конкретна статистика и опис на западните потфати на акултурација и идентитетски, па и во многу случаи и физички геноциди врз други племиња и народи. И сето тоа под маската на цивилизирање на нецивилизираните само за ариевски нарцистички примат врз нив и материјален профит. Така ce уништувани традицијата, изворната древна култура и јазици на тие народи и насилнички им е наметнуван западниот модел на цивилизација како највисоко достигнување воопшто на човештвото на тој план. Притоа кај нив е воведуван под менторство на новите западни господари главниот „цивилизациски“ дострел на нивниот експлоататорски ум либералкапитализмот, со кој покорените и послабите се претвораат во модерни робови со некакви божемни граѓански права за истите тие да бидат побезболно материјално експлоатирани. Така беа создадени колониите на западните европски колонизатори низ светот: во Африка, Азија, Австралија, Јужна Америка.
Сето тоа, пак, до детаљ го знае, драг читателу, Крлежа, кој е во фокусот на нашата колумна. Тој што е жесток критичар на Балканот и на homo balcanicus, но не помалку, дури можеби уште понемилосрдно и на Европа. Како нашиот Марко Цепенков, и тој неа ја смета за расипана вавилонска ороспија и за некаков вид воскресната библиска Саломе што го игра крвавиот танц на својата паганска гозба со пресечената глава на цели народи. Сега во нејзината чинија е и идентитетската отсечена глава на Македонците. И, тaa со неа го развива своето крваво триумфално цивилизациско оро без никаков срам, кој и никогаш го немала, и без трошка грижа на совеста, со која исто така не може да се пофали, бидејќи за тоа ѝ недостига морален кредибилитет.
Оти таа е во тотална морална атрофиja. Та, како и би била поинаква со таквите умно и морално дефектни политички полтрони какви што седат денес во нејзините мувлосани и цивилизациски непроветрени бриселски канцеларии. Да, хрватскиот енциклопедиски интелект, хуманист и литерарен гениј сето тоа добро го знаел лично доживувајќи ја сликата на Европа во морална смрдеа и распаѓање, каква што е, ние Македонците знаеме, и денес таа. Тој знаел и видел дека таа крвава цивилизациска Саломе танцува на својата канибалистичка паганска гозба не само со пресечената глава на другите туку и со сопствената глава, и тоа со една невидена темна садомазохистичка страст.
бил личен сведок на ужасите од Пpвата светска војна, чиј крвав јубилеj 100 години од нејзиниот крај Вавилонската бриселска дама, имено, го славеше неотрезнета сè уште од сите свои злосторства минатата година. А дека е неотрезнета и дека стапка по стапка, но и со крупни чекори, се движи кон нова катастрофа покажува и нејзиниот геноциден потег кон Македонија и Македонците, со нивното насилничко преименување и внесување во идентитетска мртовечница. Да беше денес жив, Крлежа најостро ќе протестираше за овој нејзин варварски чин, со кој таа пак ги буди сенките на фашизмот, на својот темен нагон за деструкција на другите, но и на самодеструкција. Чуден танатосен нагон, без кој изгледа не може да егзистира европскиот ерос. Тема, но на индивидуален план, широко елаборирана од Фројд.
И сето тоа му било јасно на Крлежа, јасно дека европската la belle epoque со пенливо шампањско ќе излезе надвор од декадентните салони на застоениот европски дух и ќе грмне како разорна голема експлозија што ќе однесе дур да трепнеш милиони животи во смрт, на младичи и девојки, цутот на Европа. Само во битката кај Верден во Првата светска војна загинуваат еден милион. Крлежа сета таа европска калварија и лично ја доживеал како регрутиран војник, тој што се напојувал на идеите на Француската револуција и на француското европско просветителство, кое го поставило на сцена духот на слободата, науката и уметноста. На културата како основа на човековата цивилизација и постоење. А сега целосно се разочарал од моралниот и духовен пад на Европа. И тоа ќе биде една од магистралните теми во целокупното негово творештво: прозата, драмата, поезијата, есеистиката, полемичките статии. Тема-крик за пропаста на една мимикриска цивилизација во која силите на танатосот се помоќни од силите на просветлениот хуманистички и културолошки ерос. Јас, пак, како илустрација на тој силен и опоменувачки крлежијански крик избрав само еден краток фрагмент, драг читателу, од неговата песна „Пролет илјада деветстотини и осумнаесетта“ (и тој во стилот на de profundis и memento mori гласи: „Европа е денес осамена куќа во која злосторството спие / и бурињата црни молчат и лудилото зрее. / А фитиљот на жолтата ламба плаче и пламенот зелен врие, / во мракот шумат крилја и летаат, сништа црни се ројат, / а тополите како обесени стојат. / Денес Европа е осамена куќа / и во неа злосторството спие.“
Да, драг читателу, еве ја и европската крчма, настрана од балканската, која е куќа на злосторството, како што ја опишува неа Крлежа, експресионист по вокација, литерарно и филозофско чедо на европскиот експресионизам во чии дела една од основните теми е смртта на Европа. И за тоа имам пишувано, особено на примерот на поезијата на Сречко Косовел. Да, смртта на Европа за да се роди Новиот Човек на нејзината морална и духовна ренесанса за кого копнееле и анархистите. А тука некаде е и Натчовекот на Ниче, кого многумина и филозофи и теолози (особено) го толкуваат во дарвинистички клуч на сурова еволутивна борба за биолошки примат, а потоа (веројатно) и духовен, над послабиот. На тоа тие му ја налепуваат и неговата синтагма – крик „Бог е мртов“, што не е ништо друго туку par exellence диjагноза на западната материjалистичка цивилизациjа што го убила Бог во себе. А не дека германскиот филозоф е закоравен атеист. Со Ниче, во тој контекст, извонредно коинцидира она на Достоевски „Ако нема Бог, сѐ е дозволено“, теза што Европа маестрално ја оживотвори со двете свои крвави светски војни, а сега играјќи си со нова катастрофа, во отсуство на Бог со нејзиниот цивилизациски Логос, тоа го прави со идентитетскиот геноцид врз Македонија и Македонците, така, таа сега пак го навлекува на себе ликот на Антихрист, на Сатаната, кој е нејзин цивилизациски брат-близнак. Гете таа тема маестрално ја има обработено во „Фауст“.