Tрубачката Лусјен Ренодин-Вари првпат ќе настапи во Македонија како солистка на концертот на 24 јануари
Првиот концерт на Македонската филхармонија, насловен „Слободен и среќен“, ќе се одржи на 24 јануари, со почеток во 20 часот, а на него како солистка првпат во земјава ќе настапи француската трубачка Лусјен Ренодин-Вари, победничка во категоријата „Откритие“, на натпреварот „Победници на музичката класика“. Таа ќе го изведе Концертот за труба и оркестар во Ас-дур од ерменскиот композитор Александар Арутунијан, а на програмата ќе биде Увертирата за оркестар во Це-дур („Трубачка“), оп. 101 од Феликс Менделсон, како и лирската Симфонија бр. 3 од Јоханес Брамс. Ќе диригира маестро Петер Феранец од Словачка.
Филхармонијата при претставувањето на Лусјен Ренодин-Вари посочува дека оваа млада музичарка, која е родена во 1999 година, на само 11-годишна возраст победила на натпреварот „Селмер-Ле Парнас“, освојувајќи ја третата награда на европскиот натпревар за млади трубачи „Д’Аленкон“. Таа студирала класична труба на конзерваториумот во Ле Ман и на конзерваториумот „Национал супериор“ во Париз, каде што била и единствената студентка што во исто време учела класична и џез-музика.
– Оттогаш станува добитничка на први награди на сите натпревари на кои учествувала, во Белгија, Франција и во САД. Неодамна таа го направи своето деби и со Лондонскиот камерен оркестар и маестро Владимир Ашкенази, изведувајќи го Концертот за пијано бр. 1 од Дмитриј Шостакович, за пијано и труба, заедно со Данил Каритонов во Турција. Ексклузивка е за „Ворнер класикс“, а нејзиниот деби-албум излезе во 2017 година, насловен „Гласот на трубата“, на кој се наоѓа разновиден музички жанровски спектар – укажуваат од Филхармонијата.
Диригентот, маестро Петер Феранец, е роден во Братислава, каде што дипломирал на тамошната Музичка академија, но и ги завршил студиите по музика во Санкт Петербург, под менторство на славниот Марис Јансонс, со стипендија од Министерството за култура на Русија. По завршувањето на постдипломските студии во Виена, Феранец бил назначен за диригент на Словачката национална опера во Братислава. На 25-годишна возраст освоил златен медал на Форумот за натпревар на млади уметници во Виена, а од 1995 година диригирал во „Бољшој театар“ во Москва, потоа и во Филхармонијата на Санкт Петербург, во Лондонскиот филхармониски оркестар, оркестарот на градот Тулуз, симфонискиот оркестар во Питсбург, Филхармонијата во Осло и др. Од 2012 година, Феранец бил музички директор и на националната опера „Јаначек“ во Брно, а досега, меѓу другото, реализирал 18 концерти со симфонискиот оркестар на „Бољшој“ во САД, но и концерти во Европа и во Јапонија.
Од најавената програма на Македонската филхармонија, го издвојуваме концертот „Ангелите и градот“ на 7 февруари, со Конрад ван Алфен и солистката Луси Хорш од Холандија на барокна флејта. Таа вечер премиерно ќе биде изведена симфонијата бр. 4 „Лос Анџелес“ од композиторот Арво Перт.