На платото пред Младинскиот културен центар во Скопје, денеска, од 13 до 17 часот, ќе биде одбележан Интернационалниот ден на независните музички продавници. Во светски рамки, овој ден се одржува од 2007 година, а во Македонија оваа убава традиција се организира вторпат.
Следејќи го генералниот концепт на прославата, и Македонија има промотор на овој настан. Оваа чест, во светски рамки, секогаш е наменета за музичари што со своите објави покажале несомнена почит и љубов кон физичките изданија (пред сѐ винилите), како доминантни носачи на звук, и несебично го поддржувале опстојувањето на малите музички продавници.
Водејќи се од овие основни начела, честа да биде македонски амбасадор на годинашниот македонски „Рекорд стор деј“ му е доделена на најдобриот македонски и балкански гитарист на сите времиња – Влатко Стефановски.
Признанието му припадна најмногу поради фактот што токму тој во изминативе 50 години, колку што трае неговата музичка кариера, со име и презиме потпиша најмногу винилни изданија во македонската дискографска историја. Најмногу под името „Леб и сол“ (10 единечни, еден дупли албум, 3 сингла и еден „Интервју со…“ сплит дупли албум), една сингл-плоча како Влатко и Бодан, еден албум под сопственото име и еден двоен под името „Влатко Стефановски + Мирослав Тадиќ“.
Годинава, по вторпат во својата единаесетгодишна историја, на интернационално ниво се промовира уште една почест, легенда на Денот на независни музички продавници, за страсно колекционерство и долгогодишна поддршка на физичките изданија како носачи на звук и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници. Овој пат тоа е Владимир Мандичевски-Манде, долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија, редовен посетител на ретките македонски независни музички продавници, но најмногу поради улогата што ја имаше неговата музичка продавница „Баги шоп“, прва во Македонија, отворена на почетокот на 1990-тите. Во тие години таа беше една од ретките културни оази за младите луѓе, единствениот извор за квалитетна некомерцијална музика и место каде што низ разните собиранки и дружења започнаа да се раѓаат, а подоцна и реализираат безброј идеи, кои за краток период ја воздигнаа македонската музичка сцена на едно поорганизирано и поквалитетно ниво. Во најмала рака, Манде и „Баги шоп“, преку своите активности, ставија барем едно камче во мозаикот, кој и ден-денес го составувавме, а кој ни е основа во препознатливиот урбан македонски музички идентитет.
Покрај укажувањето почит кон споменатите личности, овој ден ќе биде одбележен и со квалитетна неколкучасовна, дневна, диџејска забава и еден музички перформанс пред платото на МКЦ.
Забавата вклучува едночасовни сетови на најурбаниот скопски диџеј Зоран Ристевски (Зоки Бејбе), култната скопска перформанс-артистка и пејачка во неколку значајни бендови-проекти, Нора Стојановиќ, и легендарниот басист во десетина скопски состави од 1990-тите и од новиот милениум („Санс“, „Фреш“, „Демек“, „Бернајс пропаганда“, „ХаХаХа“, „Мизар“…), Саша Павловиќ-Фреш. Со настап во живо и претставување на новиот материјал на „Mammoth & Yashem“ ќе биде затворено годинешното чествување на Интернационалниот ден на независни музички продавници во Скопје.