„Половина за мене, половина за тебе“, вели Атиџе кога го дели медот со пчелите. Таа е последната жена одгледувач на диви пчели во Европа. Живее сама со својата мајка, во напуштено село во централна Македонија. Атиџе води борба за рамноправност меѓу човекот и природата. Преку нејзиниот начин на работа апелира да земеме од природата онолку колку што ни треба. Нејзиниот живот, секојдневието, љубовта кон пчелите и медот, процесот на производство на мед, егзотичната врска меѓу човекот и природата се прикажани во 85-минутниот документарен филм „Медена земја“.
Филмот има цел да ја прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судир на два различни начини на искористување на Земјините ресурси, во случајов, пчелите и медот.
Она што го прави посебен документарецот „Ханиленд“, или „Медена земја“, е тоа што е препознаен во светски рамки. Приказната е толку моќна, што светот е желен да ја чуе. Својата премиера ќе ја има на 38-то издание на филмскиот фестивал „Санденс“, чие годинашно издание ќе се одржи од 24 јануари до 3 февруари во Јута, САД.
Премиерата е закажана за 28 јануари, по што ќе следуваат уште седум проекции на оваа кинематографска манифестација.
Документарецот е официјална конкуренција на престижниот фестивал за независни филмови, во категорија уште со 11 други филмови од целиот свет.
– „Санденс“ е најголем американски фестивал на независен филм и еден од најпрестижните во светот, на ниво на фестивалите во Кан, Берлин, Венеција… Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција на „Санденс“ – изјави продуцентот Атанас Георгиев.
Режисери на филмот се Љубо Стефанов и Тамара Котевскa, сниматели Фејми Даут и Самир Љума, на музиката се потпишуваат членовите на „Фолтин“, а музички супервизор е Рана Еид од „ДБ студиос“ од Бејрут.
– Филмот е повеќеслоен, го покажува животот сам по себе. Со нашето тригодишно присуство таму успеавме да доловиме раѓање, живот и смрт. Главната порака е дека треба да се има фер распределба, односно користење на природните ресурси. Тоа всушност е и принципот на одгледување на пчелите на Атиџе, која половина од медот го зема за себе, а половина им го дава на пчелите. Човекот треба да зема од природата онолку колку што му треба и да остави, секако, и за оној што произведува, во случајов пчелите. Со тоа не само што им овозможува на пчелите да преживеат туку има и сигурен извор на храна и за себе, тогаш кога ќе ѝ биде најпотребно. Ова звучи симболично, но ние успеавме да го доловиме буквално, како пример. Огромна благодарност до протагонистите што ни дозволија да влеземе во нивниот свет и да ги насликаме нивните животи – вели режисерот Љубо Стефанов.
Атиџе е 50-годишна жена. Како лик е многу значајна, таа живее во целосен склад со природата, во напуштено село, заедно со мајка си.
– Главниот заплет се случува кога фамилија номади ќе се насели на истата територија и ќе се случи борба за мед, затоа што нема доволно простор за две групи пчели. Фамилијата е член на консумеристичкото општество, не размислува за природата и иднината и зема сѐ што може да понуди природата. И нивните пчели ги напаѓаат пчелите на Атиџе – сподели режисерката Тамара.
Додава дека тригодишната работа на „Медена земја“ донела две клучни работи во нејзиниот живот: созревање како човек и автор и создавање една голема фамилија.
– „Ханиленд“ е животно училиште за сите нас, кое нѐ научи на многу поскромен однос кон животот. Може да се рече дека за големината на она што го направивме и ќе го оставиме светот да го види ни самите сѐ уште не сме доволно свесни и допрва ќе посведочиме – вели Котевска.
Снимателите се согласија дека со реализирањето на овој посебен филм стекнале уникатно и неповторливо искуство.
– Ова не може да се смислува однапред, да се режира. Едноставно, случувањата на терен си креираа сопствен тек на филмот – изјави Фејми.
Идејата за „Ханиленд“ потекна за време на теренските истражувања во степоликото подрачје на долниот дел на Брегалница, што изобилува со извонреден и уникатен биодиверзитет. Швајцарската агенција за развој и соработка ја препозна вредноста на овој документарец и затоа ја поддржа идејата за снимање и продукција.
– Филмот испраќа моќна порака, која очекуваме да ја издигне јавната свест за зачувување на природата, да го промовира одржливото користење на природните ресурси и да помогне и олесни при процесот на прогласување заштитени подрачја во Македонија – истакна Марјана Шушлевска, тим-лидерка на Програмата за зачувување на природата во Македонија.
Снимањето на филмот почна во 2015 година, а лани ја освои наградата за најдобро дело во развој на 23-от Сараевски филмски фестивал. Годинава го очекуваат презентации на значајни светски фестивали. Премиерата во Скопје ќе се одржи во почетокот на март.
Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.
За претставувањето за време на „Санденс“ е ангажиран публицистот Рајан Вернер, кој ќе организира промотивен настан за филмот, на кој ќе се дегустира медот на Атиџе.