Британската премиерка Тереза Меј синоќа во парламентот го забележа најголемиот пораз забележан во демократскиот период на Велика Британија.
Синоќа британскиот парламент гласаше за договорот за брегзит, што Меј го постигна со европските партнери. Резултатот беше 432 гласови против“ наспроти 202 „за“. Ова најголем пораз на некој предлог на владата во парламентот, каков што не е забележан целиот минат век, јавува Гардијан.
– Парламентот го кажа своето, а владата ќе послуша. Јасно е дека не го поддржуваат овој предлог, но гласањето не ни кажа ништо за тоа што поддржуваат – рече синоќа британската премиерка.
Британскиот печат денеска не штеди да употреби тешки зборови за она што синоќа се случи во парламентот.
„Целосно понижување“ е насловот во Телеграф, додека Гардијан пишува за „историски пораз“. Американски Вашингтон Пост смета дека Британија се движи кон целосна катастрофа.
– Ниту во владата, ниту во опозицијата нема лидер што би ни помогнал да излеземе од овој кошмар – пишува британскиот дописник Метју Пери.
Како што и претходно најави, лидерот на опозицијата Џереми Корбин побара гласање за доверба на владата, по синоќешниот пораз на премиерката. Во тоа го поддржаа и другите опозициски лидери, а гласањето ќе се одржи денеска.
– Ова е катастрофален пораз. Парламентот му пресуди на нејзиниот договор. Одложувањата и негирањата завршија – порача Корбин пред пратениците во парламентот.
Во меѓувреме, две партии веќе најавија дека ќе ја поддржат владата, пишува Гардијан при тоа додавајќи дека затоа е малку веројатно Корбин да успее да ја урне владата и да предизвика предвремени избори.
Конзервативната северноирска унионистичка партија ДУП, која ја поддржува малцинската влада на Тереза Меј, не гласаше за планот за брегзит, но не сака на власт да дојдат лабуристите.
Уште синоќа челниците на ДУП најавија дека ќе ја поддржат владата, а исто размислува и мнозинството ‘одметници’ на Конзервативната партија кои по прашањето за планот за брегзит гласале против премиерката.
Премиерката денеска ќе дојде во британскиот парламент во 12 часот по локално време, кога ќе се обрати пред пратениците.
Од 13 часот започнува расправата за недоверба на владата што ќе трае до 19 часот по локално време, кога ќе започне гласањето.
Гардијан пренесува дека премиерката порачала дека ако нејзината влада го преживее гласањето за доверба, ќе разговара со лидерите на парламентарните партии за да утврди што е потребно за да се прифати нејзиниот договор.
Портпаролот на премиерката, пак, не коментираше дали таа ќе се сретне со лидерот на опозицијата Џереми Корбин.
Нејзините портпароли порачаа дека премиерката во разговорите ќе бара начин да се исполни она што е решено на референдумот за излез од Европската унија(ЕУ), односно дека премиерката и натаму сака да ја спроведе одлуката за референдумот.
Со тоа сугерираат дека премиерката нема да преговара за втор референдум.
Се очекува Меј во понеделник да даде изјава за медиумите во која ќе им го појасни на граѓаните нејзиниот план за продолжување.
Од друга страна, ЕУ се подготвува за брегзит без договор.
Се очекуваше Меј што поскоро да се сретне со челниците на ЕУ за да се консултира со нив, но тогаш таа не очекуваше пораз, посебно не ваков пораз.
Како што пишува Гардијан, ЕУ сега наслушува што се случува по прашањето на брегзит во Велика Британија.
Синоќа претседателот на Европската комисија(ЕК) Жан Клод Јункер и порача на британската влада да ги појасни своите намери што поскоро и дека времето наскоро им истекува.
Уште додаде дека по синоќешните резултати од гласањето, се зголемува опасноста од излегување на Велика Британија од ЕУ без договор. Доналд Туск, пак, праша кој ќе каже која е прифатливата опција ако договорот не е можен.
Главниот преговарач на ЕУ Мишел Барние утрово изјави дека ЕУ жали заради резултатите од гласањето со што беше отфрлен договорот на кој се работеше две години.
Покрај тоа, додаде дека ЕУ од почетокот се обидува да избегне брегзит без договор, но дека тоа станува сѐ поверојатно сценарио и дека ЕУ се подготвува за таков расплет.
Поранешниот британски министер за надворешни работи Борис Џонсон рече дека синоќешниот резултат во парламентот на Тереза Меј и дава „голем мандат“ да се врати во Брисел и повторно да преговара за договор.
Но, се чини дека во Брисел нема да имаат доволно слух за тоа.