Изложба на современи бајки напишани од средношколки ќе биде отворена на 17 април, во 19 часот, во културниот центар „Јадро“.
– Дојдете и прочитајте го нивното „Си било еднаш“. Дојдете со нас во волшебниот свет на бајките и навлезете во современите бајки за македонските хероини што ги напишаа учесничките на работилницата за креативно пишување со млади „Неименувана“, која се одржа во јануари 2024 година – порачуваат од културниот центар „Јадро“.
Под менторство на „Дума ин сума“, неформална иницијатива за култура составена од компаратистките Марија Бошковска, Ивана Смилевска и визуелниот уметник Дарко Алексовски, десет средношколки се запознаа со бајки од целиот свет, но и мимовите, активизмот и не толку познатата македонска женска историја. Присутните ќе имаат можност да ги прочитаат современите бајки напишани од учесничките на работилницата посветени на партизанката Вера Јоциќ, архитектката Мимоза Несторова Томиќ, режисерката Билјана Гарванлиева, уредничката на списанието „Македонка“ – Веселинка Малинска, и на партизанката Мара Нацева–Анка. Присутните ќе имаат можност да ги проследат овие текстуални инсталации посветени на хероините, кои визуелно ги уреди уметникот Дарко Алексовски, како и да земат примерок од мини-фанзините што ги содржат бајките од младите авторки. По изложбата, текстуалните инсталации ќе им бидат подарени на соодветни институции за култура и образование, соодветни според дејствувањето на секоја од хероините.

Текстуалната инсталација за Јоциќ ќе биде поставена во истоименото скопско основно училиште, инсталацијата за Несторова Томиќ во Музејот на Македонија, што е наедно една од ретките останати градби што ги конструирала таа, а текстуалната инсталација за режисерката Гарванлиева ќе може да се види во Кинотеката на Македонија. Инсталацијата за уредничката на списанието „Македонка“ ќе биде поставена во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, додека инсталацијата за Мара Нацева-Анка ќе биде поставена во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово. Текстуалните инсталации преку кјуар-кодови ќе водат до целосните верзии на бајките, кои ќе бидат достапни и онлајн.
Идејата зад работилницата и изложбата е популаризацијата на активностите вршени од македонските хероини низ историјата, кои иако еднакво важни, не се еднакво застапени во формалното образование. За време на петдневната работилница за креативно пишување со млади, која се одржа во „Лабораториум“, учесничките имаа можност да откријат што е заедничко за „Заспаната убавица“ и Марко Цепенков, од каде потекнува Пепелашка, но и македонските хероини што со својот пркос придонеле кон едукативен, ослободителен и емпатичен развој во локален контекст.

– На работилницата буричкавме низ литературната светска и домашна историја, како и низ ќошињата на интернетот, барајќи ги сличностите и различностите на женското искуство преку фолклорните приказни и неименуваните автор(к)и на мимови и интернет-содржини. Во тоа ни помогнаа гостите ментори Дарко Алексовски и Хана Чурак (БиХ), администраторката на феминистичката платформа „Све су то вјештице“ и „Тиииит! инк.“.
Овој проект е поддржан од германското Министерство за надворешни работи и имплементиран од Регионалната канцеларија за младинска соработка.