Потпирајќи се на богатото искуство во областа на фолклорот, Васил Хаџиманов е автор што правилно ја сфати пораката од своите предци и таа инспирација ја преточи во автентичен музички исказ

Еден од највлијателните џез-фјужн состави на Балканот, „Васил Хаџиманов бенд“ го претставува својот нов студиски албум со наслов „Кејф“ (Keyf). Оваа исклучителна група на музичари веќе долги години ја воодушевува публиката низ светот со својот единствен звук и енергија, а нејзиниот нов албум повторно носи интересни музички гости, иновативни аранжмани, автентична звучна естетика и, како и досега, креативни експерименти со различни музички стилови и ритми.
Музичарот Васил Хаџиманов со својот бенд ќе одржи концерт во Скопје на 12 април во Македонскиот народен театар, со почеток од 20 часот, на кој „Васил Хаџиманов бенд“ ќе го промовира новиот албум. Ова е осми студиски албум на бендот, кој е објавен и како цеде и на дигиталните платформи, во издание на „Кроација рекордс“ од Загреб. Албумот содржи девет песни продуцирани од Васил Хаџиманов, Марко Периќ и Тони Китановски. Албумот „Кејф“ е објавен во дигитален и цеде-формат од страна на хрватската издавачка куќа „Кроација рекордс“.
Музичките нумери како насловната „Keyf“, но и „Gypsy“, „Afghan Samba“, „Helidoro’s Recipe“, „Mente Pura“, ќе ги потсетат сите љубители на добрата музика на тоа зошто „Васил Хаџиманов бенд“ својата музика ја изведува на сцените низ светот и зошто токму неговата музика во Србија е прогласена за уметничко дело со национална вредност.
Снимањето и продукцијата на албумот се на „Гди фор артс енд Кроација рекордс“.
Васил Хаџиманов е музичар од Белград со македонско потекло. Тој е музичар со единствен сензибилитет. Како пијанист, композитор, аранжер и педагог, тој е незаменлива врска на регионалната џез-сцена и поединец што во себе носи дел од своите предци, кои секој на свој начин ги обележија музичките простори на Балканот.
Потпирајќи се на богатото искуство во областа на фолклорот, Васил Хаџиманов е автор што правилно ја сфати пораката од своите предци и таа инспирација ја преточи во автентичен музички исказ.
На крајот од минатата година тој свиреше на концертот во чест на неговиот татко Зафир Хаџиманов во Филхармонијата. Во декември минатата година, Хаџиманов зборуваше на промоцијата на монографијата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 година“ од Ана Мартиноска и Жарко Иванов, напишана во чест на неговиот дедо, македонскиот етномузиколог и фолклорист Васил Хаџиманов.
Идејата на Васил за комбинирање балкански традиционален, народен ритам и западен, модерен стил на музика (џез, фанк, рок, прогресивна, светска музика…) е целосно автентична во неговата музика и е единствен пристап кон џез-музиката. Во 2001 година „Васил Хаџиманов бенд“ го издаде својот прв албум „11 причини за…“, под српската етикета ПГП-РТС, а првиот отпечаток беше распродаден за само три месеци. Во 2002 година тие исто така ја освоија наградата „Фестивал Беовизија“ за најдобар албум на годината. Во 2002 година, за телевизијата АРТЕ, „Васил Хаџиманов бенд“ им се придружи на Горан Паскаљевиќ и неговата филмска екипа на документарен филм за Белград. За овој документарен филм Васил компонираше музика, а групата, предводена од нивниот перкусионист Бојан Ивковиќ, глумеше и свиреше музика во филмот. Во овој период музиката на Васил можеше да се чуе и во филмот „011 Белград“ од младиот австриски режисер Мајкл Фајфенбергер и во филмот „Кога ќе пораснам, ќе бидам кенгур“.
Во текот на изминатите 20 години, Васил и неговиот бенд успеаја да ја претстават својата музика на концерти и музички фестивали низ целиот свет. В.Д.