Игор Атанасоски – Харе, музичар и композитор
Игор Атанасоски – Харе, познатиот македонски музичар, композитор и текстописец, беше дел од бендовите што го придружуваа Тоше Проески на почетокот на неговата кариера и на послендиот негов голем концерт, на 5 октомври 2007 година на националната арена во Скопје, што денес го носи неговото име. Тој ни раскажа за нивната прва средба и за деновите поминати со Тоше, на турнеите и настапите, што никогаш нема да ги заборави.
Се сеќавате ли на првата средба со Тоше?
– Да се сеќавам. Неговите менаџери ме ангажираа да направам состав кој ќе придружува млад пејач, во тоа време сѐ уште не го познавав, и се сретнавме на првата проба во МКЦ. Ми се допадна веднаш бидејќи беше културен, посветен на музиката и го имаше тој сјај во очите кога пееше. Веднаш знаев дека пред себе имам посебна личност.
Долго бевте дел од неговиот придружен бенд, па кажете ни каде се патувавте и настапувавте заедно?
– Моето патешествие со Тоше е интересно бидејки јас бев со него на почетокот и на крајот, за жал. Во меѓувреме бендот продолжи без мене. Ќе ги споменам првите негови концерти во Универзална сала, пет по ред, за првпат такво нешто се случи. Дури мораше да стават помошни столчиња на сцена за да ги собере сите обожаватели! Потоа првиот голем концерт во Белград во Сава центар. Бината беше покриена со плишани играчки од обожавателките. И секако нема да го заборавам последниот концерт на Градскиот стадион. Во воздухот се чувствуваше нешто посебно. Тогаш не можевме ни да замислиме дека тоа ќе биде последниот концерт.
Како би го опишале Тоше сега, 15 години по неговото заминување?
– Па би го опишал исто како и тогаш. Насмеан, позитивен, секогаш спремен да запее. Момче кое имаше почит кон постарите, сочувство кон послабите и љубов за сите.
Му претстоеше ли светска слава и успех на Проески?
– Несомнено! Тоа веќе беше извесно. Ги освои сите југословенски републики и следна беше Европа. Имаше во него нешто универзално. Никаде не ја оставаше публиката рамнодушна.
Паметите ли некоја убава случка, кога и Тоше и сите во бендот бевте многу радосни и расположени?
– Публиката секогаш беше воодушевена од неговата непосредност и неговиот шарм. Нормално и од пеењето. А случки има премногу, да ги оставиме за понатаму кога ќе снимат филм за Тоше.
Веројатно сте биле и сведок на негови различни емотивни состојби, ќе ни откриете ли ексклузивно некоја таква случка, што досега не сте ја раскажале на никого?
– Па да, како и секој човек и тој имаше различни емотивни состојби, но не дозволуваше тоа да влијае на бендот или да се одрази на квалитетот на концертот. Бев сведок кога ги напушти неговите менаџери и беше многу несигурен дали постапува правилно. Јас го охрабрив и му реков дека носи правилна одлука. Времето покажа дека одлуката била правилна.
Што никогаш нема да заборавите од времето поминато со Тоше.?
– Спомените се спомени и ќе си останат да живеат со нас. Понекогаш ние од групата се присетуваме и евоцираме спомени. Она што треба да се знае за Тоше веќе се знае, остануваат неговите песни да живеат по него и тоа доволно.
Која беше песната што Тоше секогаш со задоволство ја пееше, негова или на некој друг пејач?
– Па тој многу го сакаше Дејвид Ковердејл и секогаш со задоволство пееше негови песни. Тоше беше таков пејач, што можеше да испее и рецепт за салата и тоа да стане хит!