Експертите за меѓународни односи сметаат дека е добро што во најновиот извештај на ЕК е нагласена усогласеноста на надворешната и безбедносна политика на Македонија со ЕУ, но клучното прашање е колку Европската Унија е усогласена сама со себе, односно колку држи до своите прокламирани вредности и критериуми. Генерален впечаток е дека ЕУ отстапи и ги потисна сопствените Копенхашки критериуми за проширување кога станува збор за Македонија, наметнувајќи ни услови спротивни на нејзините стандарди, кои претходно никому не му биле поставени, услови што се спротивни на меѓународното право. Со европскиот молк на обидите за прокламирање и оживување на фашизмот од страна на Бугарија се чини дека ЕУ отстапи и од идеалите за антифашизмот на кои самата почива

ЕК ГИ ЗАБЕЛЕЖУВА СЛАБОСТИТЕ НА ЗЕМЈИТЕ-КАНДИДАТИ,А НЕ ГИ ГЛЕДА НЕДОСЛЕДНОСТИТЕ ВО УНИЈАТА

Фамозните извештаи на Европската комисија за реформскиот напредок на земјите-кандидати за членство во Европската Унија, кои за Македонија 17 години беа топло-студен сигнал за препорака за почеток на преговорите за членство во Унијата, оваа година во земјава пристигна барем без формалниот притисок за очекување „датум“. Како што оцени и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји при претставувањето на извештаите пред Европскиот парламент, „Македонија го почна преговарачкиот процес со првата политичка меѓувладина конференција што одамна требаше да се случи. Ова е пробив за земјата, Македонија покажа одлучност и издржан напредок“.
Освен тоа, еврокомесарот забележа дека е важно земјата да го задржи реформското темпо и да го искористи процесот на скрининг, за да го искористи својот потенцијал за забрзување на реформите. Според него, потребни се дополнителни напори во областа на јавната администрација.
Во умерениот напредок, кој генерално е констатиран во извештајот на ЕК, особено е забележителен поздравот за целосната усогласеност на Македонија со надворешната политика на ЕУ, особено во однос на Украина.

– Со ова земјата ја покажа својата одлучност да напредува на својот ЕУ-пат – изјави Вархеји.
Политичките фактори во земјава, главно, побрзаа извештајот да го протолкуваат низ призмата на своите политички предизвици, сепак сретнувајќи се во голема мера на ставот дека тој е „ објективен приказ за состојбите во општеството, но и патоказ за институциите за натамошно спроведување на домашните реформи“.
– Очекувано е тоа што Европската комисија во извештајот генерално држи позитивен тон во однос на посветеноста на властите на ЕУ-агендата, со оглед на тоа дека имавме пробив во јули во однос на процесот на отворање на преговорите и формален почеток на скрининг-процесот… Единственото поглавје во кое имаме зголемено ниво на подготвеност за преземање на обврските за членство е во поглавјето за заедничката надворешна безбедносна политика – вели директорката на Институтот за европска политика (ЕПИ), Симонида Кацарска, која иако оценува дека во повеќето поглавја има одреден напредок, сепак вели дека ако погледнеме споредбено со минатите години, нивото на подготвеност за преземање на обврските од членството останува релативно исто. Според неа, и покрај напредокот, очигледно е дека има многу области во кои препораките се повторуваат и тие стагнираат.
„Пофалбите“ за високата усогласеност на надворешната и безбедносна политика на Македонија со онаа на ЕУ, од друга страна, ги предизвикуваат прашањата поврзани со усогласеноста на ЕУ со сопствените базични принципи и вредности, кога станува збор за пристапувањето на Македонија во Унијата.
Или, со други зборови, се наметнува прашањето колку ЕУ е усогласена со самата себе и колку држи до своите прокламирани вредности и критериуми.
Впечаток е дека ЕУ отстапи, односно ги потисна сопствените Копенхашки критериуми за проширување кога станува збор за Македонија, додавајќи ѝ услови спротивни на нејзините стандарди, кои претходно никому не му биле поставени. Тоа беа и сѐ уште се услови што сериозно ги повредуваат основните човекови права на самоопределување, себеименување, па дури и дозволуваат мешање на своите земји-членки во внатрешното уредување на Македонија, изнудувајќи уставни измени…

– И досега извештаите на Европската комисија за напредокот на европските реформи во Македонија беа без некое поголемо значење, а најновиот е целосно бесмислен. Бесмислен е бидејќи судбината на Македонија е запечатена со двата катастрофални протоколи потпишани со Бугарија, со кои Македонија ја прифати уцената за влез во Унијата – да ги стави Бугарите во Уставот. И оттогаш, сосема во право, Брисел ни „трие сол на глава“ дека од нас зависи дали ќе преговараме или не. Бидејќи нема услови за промена на Уставот, Македонија ќе тапка во европската чекалница уште долго време. Меѓутоа, факт е дека ЕУ не се проширува последниве девет години, по приемот на Хрватска, и со сигурност може да се тврди дека тоа нема да се случи и во наредните десет години. А ние не треба да имаме дилема дека Копенхашките критериуми не важат за Македонија и тоа е директен предизвик за нас да се бориме за рамноправен статус во евроинтегративните процеси. Меѓу другото, треба да се спомне и фактот дека додека Брисел не признава македонско малцинство во Бугарија (не земајќи ги предвид пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур), а инсистира во Македонија да внесеме „грст“ Бугари во нашиот устав, ЕУ е надвор од сите свои стандарди – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.
Професорката по меѓународно право и медијација Ида Мантон смета дека е добро што во извештајот на ЕК е нагласена усогласеноста на надворешната и безбедносна политика на Македонија со ЕУ во поглед на воената криза во Украина, но тоа сепак нема голема врска со македонскиот процес на пристапување во ЕУ. Исто така, според Мантон, добро е што Македонија е во согласност со вредностите на ЕУ во поддршката на Украина, но клучното прашање е дали ЕУ всушност воопшто ќе може да ги поддржи тие вредности.

– Процесот на пристапување на Македонија има мала или никаква врска со Украина и нејзината усогласеност со позициите на ЕУ: прво, затоа што земјите-членки на ЕУ, како Унгарија и Бугарија, можат да ги поткопаат „позициите на ЕУ“ и да се извлечат од тоа и, второ, затоа што Македонија всушност може многу малку да направи во овој поглед (8 тенка и некои гласови во ОН).
Она што загрижува е дека ЕУ се чини дека не е способна да се занимава со Украина и со која било друга тема во исто време, па Западен Балкан е многу ниско на нивната листа на приоритети. Украина и претстојната енергетска криза се значајни закани, но треба да има доволно умствена моќ во ЕУ и земјите-членки за да се вклучат и во решавањето на отворените прашања во Западен Балкан или барем да одржат некаква одбрана. ЕУ ја надминуваат малигните влијанија на нејзиниот југоисточен фронт.

Значи, добро е што Македонија е во согласност со вредностите на ЕУ во поддршката на Украина. Клучното прашање е дали ЕУ всушност воопшто ќе може да ги поддржи тие вредности. ЕУ секако не ги поддржуваше тие вредности на Балканот и конкретно во Македонија – вредностите на самоопределување, достоинство, заштита на идентитетот (кои се под насилна закана и во Украина) веќе се напуштени од ЕУ со францускиот предлог и со фактот дека сите други земји-членки на ЕУ капитулираа пред Макрон и неговата агенда против проширувањето и против малцинските права. Не само што актуелното претседателство со ЕУ ги легитимира егоигрите на Макрон со Европската политичка заедница, каде што тој се устоличи како нов лидер на Европа, туку тие исто така го благословија францускиот предлог, кој воспоставува јасен преседан дека нелибералните земји-членки можат да ги уценуваат земјите-членки со прекршување на ЕУ и меѓународните вредности и стандарди, кои лидерите на ЕУ ги проповедаат во врска со Украина. А актуелната македонска влада само се тапка по рамо, игнорирајќи дека рацете веќе им се во синџири – вели Ида Мантон.