Од Министерството за внатрешни работи велат дека движењето на велосипеди по автопат е прекршок и казниво

Оние велосипедисти што ги затекна нашата екипа, а беа десетина, кои возеа по автопатот Скопје – Тетово – Гостивар, се однесуваа како да се наоѓаат на велосипедска патека и самите неодговорно се изложуваа на опасност во однос на преостанатите учесници во сообраќајот, но ги загрозуваа и другите учесници. Што вели законот во овој конкретен случај? Имено, „по автопат, експресен пат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила не смеат да се движат пешаци, велосипеди, мобилни машини, мотокултиватори, трактори, запрежни возила и добиток, ниту возила што според одредбите на овој закон не се сметаат за моторни возила, освен мотоцикли чија сила на мотор е поголема од 35 киловати“…

НЕОПХОДНО Е СТРОГО ДА СЕ ПОЧИТУВА ЗАКОНОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ ЗА ДА БИДАТ ДРАСТИЧНО НАМАЛЕНИ НЕЗГОДИТЕ

За да има безбеден сообраќај една земја, потребно е високо ниво на сообраќајна култура. Значи, ако на пешаците им е забрането да преминуваат улица на места каде што нема обележени премини и ако на возачите им е строго забрането да се движат и да паркираат по пешачки патеки, слични правила важат и за велосипедистите. И за нив, како и за другите учесници во сообраќајот, важат одредени правила и прописи, кои треба да ги почитуваат за да останат безбедни.

АВТОПАТОТ Е САМО ЗА ВОЗИЛА

Автопатиштата низ земјава се предвидени за движење исклучиво на моторни возила. Меѓутоа, изминатиот период, за жал, чести патници по автопатиштата беа велосипедистите, кои непрописно итаа кон својата цел како да се наоѓаат на велосипедска патека.
„Нова Македонија“ направи обиколка и анализа на оваа појава, а заклучокот е дека, за жал, и кај голем дел од оваа категорија учесници во сообраќајот нема почитување на законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Оние велосипедисти што ги затекна нашата екипа, а беа десетина, возеа по автопатот Скопје – Тетово – Гостивар буквално како да имаат предност и како да се наоѓаат на велосипедска патека.
И возачите велат дека доста голем проблем имаат со велосипедистите по автопатиштата. Тие што за нас го искоментираа ова однесување велат дека најголем проблем е тоа што се движат по сообраќајната лента и го попречуваат движењето на автомобилите и другите возила.
– Некои возат велосипед заради рекреативни причини. Соборуваат рекорди, па нова цел им е освојување други градови. И сето тоа е во ред, јас секогаш ги поддржувам. Меѓутоа, свесно да се ставиш во ризик себеси и другите учесници во сообраќајот е апсурдно. Пречат на автопатиштата. Посебен проблем е кога возат во темница, без апсолутно каква било рефлектирачка облека на нив и можеш да ги забележиш дури кога ќе им се приближиш и, секако, кога можеш да ги прегазиш – вели Сашо Стојановски.
Тој вели дека велосипедисти има и кон превојот Стража, каде што е уште поризичен сообраќајот за нив.
– Сите знаеме каков е патот кон Стража, дека од страна речиси и воопшто нема место за движење на велосипедисти и пешаци. А токму велосипедистите се редовни на овој потег. Ние со возила немаме голема прегледност, бидејќи патот е со кривини, токму тука е и најголемиот ризик, бидејќи само што ќе заврши кривината, пред тебе излегува велосипедист, па ти мора да маневрираш за да не го удриш – вели тој.

ДАЛИ Е КАЗНИВО СПОРЕД ЗАКОНОТ?

Од Министерството за внатрешни работи велат дека движењето на велосипеди по автопат е прекршок и казниво.
Според членот 129 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во глава три: Ставот еден вели дека по автопат, експресен пат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила, не смеат да се движат пешаци, велосипеди, мобилни машини, мотокултиватори, трактори, запрежни возила и добиток, ниту возила што според одредбите на овој закон не се сметаат за моторни возила, освен мотоцикли чија сила на мотор е поголема од 35 киловати.
Ставот два вели дека на автопат, експресен пат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила не смеат да се движат ниту моторни возила што според своите конструкциски својства не можат да се движат со брзина од најмалку 60 км/ч.
Ставот три, пак, вели дека одредбата од ставот (2) на овој член не се однесува на возилата на армијата на Република Северна Македонија и полицијата, како и на возила на правното лице надлежно за одржување патишта, кога даваат посебни светлосни знаци (жолто трепкачко светло).
Според ставот четири, прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе им се издаде на лицата што постапуваат спротивно на одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член.
Наедно, ве известуваме дека Министерството за внатрешни работи, во согласност со своите надлежности, во континуитет презема мерки и активности за откривање и санкционирање на учесниците во сообраќајот на патиштата што постапуваат спротивно на правилата и прописите – велат од МВР.

АПЕЛ ЗА ОДГОВОРНО ОДНЕСУВАЊЕ

Според секретарот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Дејан Андоновиќ, велосипедистите треба да го почитуваат законот како и сите други учесници во сообраќајот.
– Возење велосипед по автопат е забрането, за велосипедисти нема посебна лента за возење. Велосипед се вози исклучиво таму каде што има услови за тоа. Велосипедот доста често е превозно средство и токму затоа постојат правила и за нив, кои доколку не ги почитуваат, ќе бидат казнети – вели тој.
Андоновиќ апелира до велосипедистите да ги почитуваат сообраќајните правила и нагласи дека само така ќе се спречат несреќи и за нив и за другите.
Според него, велосипедистите смеат да возат само таму каде што има обележена велосипедска патека.
– Доколку нема велосипедска патека, тие смеат да се движат на улица во согласност со законски предвидените услови. Кога преминуваат улица, а нема велосипедска патека, тие се должни да се симнат од велосипедот и пешачејќи да ја преминат улицата. Дополнително апелирам велосипедистите да носат заштитна опрема, за заштита на сопствениот живот – вели тој.