Сергеј Суровикин/Фото: Принт-скрин

Над 300 градови и населени места низ Украина беа на удар на најсилните воздушни удари од почетокот на војната, со што неофицијално беше означена промоцијата на Сергеј Суровикин во командант на руските сили во Украина, пишува „Економист“. Неофицијално, претходник на Суровикин беше генералот Александар Дворников. Русија претходно немаше централен воен командант на теренот, по отпочнување на специјалната операција во Украина на 24 февруари.

Нарекуван „генерал армагедон“ од неговите колеги, тој има застрашувачка репутација стекната низ годините. Се верува дека тој командува со месеци, но неговото официјално назначување  во саботата отвора ново поглавје во војната.

Суровикин е роден во Новосибирск во 1966 година и ја почна воената кариера во 80-те години во советските специјални сили во Авганистан. „Економист“ истакнува дека тој поминал шест месеци во затвор кога ги следел наредбите и им се спротивставил на демонстрантите по обидот за пуч во Русија во 1991 година. Обвиненијата против него подоцна биле отфрлени. Проблематичното минато сепак не го спречило Суровикин да напредува во службата, што се должи на подготвеноста за извршување на наредби. Генералот ја стекнал неговата репутација за време на војните во Чеченија, а неговата улога во Сирија му донела медал „Херој на Русија“, што е највисоката почесна титула во државата, како и промоција во прв човек на руската авијација во 2017 година.

Суровикин ја преземал командата на јужниот фронт во Украина во јуни, при што предводеше дел од најзначајните напредувања на Русија на бојното поле, но британскиот весник посочува оти тој не успеал да го обезбеди стратешки важниот регион на Херсон, каде што украинската армија соопшти дека со контраофанзива бил вратен дел од териториите.

Најџел Гулд-Дејвис од тинк-тенкот Меѓународнен институт за стратешки студии смета дека Русија се обидува да ја подобри комуникацијата меѓу единиците со назначувањето на Суровикин, како и да обезбеди авторитетна фигура за трупите. Слично мислење има и универзитетскиот професор Дмитриј Адамски.

– На армијата и е потребна фигура на врховен водач за да ја води во битка – вели Адамски, верувајќи дека Суровикин може да ја заземе оваа улога.

Се смета и дека неговото назначување ќе ги смири тврдокорните домашни критичари на Кремљ што сметаат оти Русија има мек пристап кон војната во Украина.

Се очекува вештините за командување на Суровикин да бидат еднакво важни како и неговите стратешки одлуки во екот на војната чие завршување не е на повидок.