Фото: Игор Бансколиев

Ова е прв извештај за земјава по одржувањето на првата меѓувладина конференција на 19 јули годинава, откако претходно од 2009 година ЕК континуирано препорачуваше отворање на пристапните преговори, но поради бугарската блокада почетокот на преговорите се одложуваше. Какви препораки нуди извештајот и какви се оцените и коментарите на домашната стручна јавност во однос на истиот тој

ШТО СОДРЖИ ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА

Македонија е умерено подготвена држава во повеќе области, но слаби страни и натаму остануваат реформата на јавната администрација, судството и борбата против корупцијата, сето тоа дополнето со нефункционалното собрание и игнорирањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и на Венецијанската комисија, покажува анализата на најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата.
Според забелешките на Европската комисија, работата на парламентот беше нарушена со политичка поларизација што го одложи усвојувањето на многу закони, па од тие причини комисијата уште еднаш препорачува дека е потребно да се имплементираат препораките од дијалогот „Жан Моне“ без понатамошно одложување. Во врска со изборното законодавство, забелешките на ЕК се во делот на неимплементирање докрај на препораките од ОБСЕ/ОДИХР и од Венецијанската комисија.
Меѓу другото, се констатира и дека македонските власти продолжија да ја демонстрираат нивната посветеност за напредок на патот кон Европската Унија, а земјава целосно се усогласи со позициите на ЕУ за војната во Украина, докажувајќи дека е доверлив партнер.
Ова е прв извештај за земјава по одржувањето на првата меѓувладина конференција на 19 јули годинава, откако претходно од 2009 година ЕК континуирано препорачуваше отворање на пристапните преговори, а во 2020 година Европскиот совет ја одобри одлуката за отворање на преговорите, но поради бугарската блокада почетокот на преговорите се одложуваше.

Умерен напредок во делот на политичките критериуми

Во однос на политичките критериуми, во извештајот стои дека земјава ги продолжува напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, и покрај одредени предизвици.
Она што се нотира во извештајот е дека лани во октомври се одржале локалните избори, но главната забелешка е дека не се целосно имплементирани препораките за изборното законодавство дадени од ОБСЕ/ОДИХР и од Венецијанската комисија.
– Како што беше споменато и во претходните извештаи, изборното законодавство треба сеопфатно да се ревидира за да се решат постојните недоследности и релевантните закони треба да се усвојат низ навремен, инклузивен и транспарентен процес, пред следните избори. Во оваа насока, властите треба да ги засилат своите напори и да покажат волја за дополнително подобрување на изборниот процес – пишува во извештајот.

Собранието блокирано поради политичката поларизација

Во делот за работата на Собранието, пак, ЕК констатира дека таа е нарушена од политичката поларизација, со што се одложува усвојувањето на многу закони. Во извештајот се наведува дека пратениците успеале да ги усвојат заклучоците за отворање на преговорите со ЕУ, како и дека заедно со Владата се обврзале на уставни измени за вметнување на граѓаните што живеат во државата во нејзиниот устав.
Во однос на забелешките, ЕК порачува да се ограничи употребата на процедурите за носење закони по скратена постапка.
– Надзорот на извршната власт преку пратенички прашања до министрите треба да се врши на поредовна основа. Предлозите за внатрешна реформа на парламентот договорени во дијалогот „Жан Моне“ на почетокот на 2020 година треба да се спроведат без понатамошно одложување – пишува во извештајот.
Понатаму се констатира дека се потребни решителни напори за да се продолжи во процесот за пристапување во ЕУ и да се имплементираат во пракса постојните закони наместо да се поведуваат ад хок иницијативи.

Судството и реформите во јавна администрација и натаму без сериозен напредок

Европската комисија во сите досегашни извештаи за земјава ја нагласува потребата од ефикасно судство и реформи во јавната администрација, па ниту во овој извештај не е нотиран некаков голем напредок, туку земјава е оценета само како умерено подготвена.
Се нотира дека е постигнат ограничен напредок во спроведувањето на препораките од минатата година и дека е усвоена новата програма за реформи во управувањето со јавни финансии за периодот од 2022 до 2025, но се доцнело со носење нова законска регулатива за организација на работата на органите на државната управа и нов закон за управување со човечки ресурси.
Позитивна оцена добива Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси, за која се забележува дека работела проактивно за да се спречат непотизам, кронизам и политичко влијание во вработувањата во јавниот сектор и во назначувањето членови на надзорни и управни одбори.
Како умерено подготвена, државата е оценета и кога станува збор за правосудниот систем. Одреден напредок е констатиран бидејќи имало стабилна имплементација на Стратегијата за реформи во правосудство, како и дека се подготвува нова, врз основа на научените лекции од претходната.
– Судството ја покажа својата посветеност да ги заштити својот интегритет и независност. Треба да се засили темпото на имплементација на стратегиите за човечки ресурси во судството и обвинителството. Судските институции доследно ги спроведуваат новите правила за именување, унапредување, дисциплински постапки и разрешување судии и обвинители. Унапредувањето во повисоките судови се соочи со одложувања, а пензионирањето дополнително го намали бројот на судии и обвинители – се наведува во извештајот на ЕК.

Повеќе средства и луѓе во органите за гонење корупција

Една од клучните забелешки за земјава е борбата со корупцијата, па во таа насока во извештајот на ЕК повторно се констатира умерена подготвеност и во оваа сфера.
Се забележува дека е постигнат одреден напредок бидејќи државата продолжила да ги консолидира перформансите во истрагата, гонењето и судењето на неколку случаи за корупција, вклучувајќи и за корупција на високо ниво, а се поздравува и тоа што случаите од поранешното СЈО продолжиле понатаму и има правосилни пресуди.
За ДКСК се нотира дека била проактивна и обезбедила насоки за јавните институции како да се справат со корупцијата, но и отворила неколку случаи, вклучувајќи и против високи функционери. Она што се препорачува е дека се потребни дополнителни човечки ресурси, но и пари во институциите што се задолжени за борба против корупцијата.
– Дополнителни човечки, но и финансиски ресурси треба да се стават на располагање на Јавното обвинителство, истражните центри и институциите задолжени за истрагите за корупција – наведува ЕК.
Одредено ниво на напредок се оценува дека има и во борбата против организираниот криминал, пред сè, во оперативните соработки со меѓународните партнери, а подобрена е и координацијата.
– Треба да се направи повеќе за да се подобри ефикасноста на спроведувањето на законот во борбата против одредени форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал. Истражните центри при основните јавни обвинителства треба да се зајакнат за да ги постигнат своите цели – зголемување на ефикасноста во истрагите и подобра координација меѓу обвинителствата, полицијата и другите релевантни институции – се вели во извештајот.
И за борбата против тероризмот и насилен екстремизам се оценува дека има одреден напредок во согласност со целите што беа утврдени во заедничкиот акциски план за борба против тероризмот на Западен Балкан. Во справувањето со тероризмот и насилниот екстремизам се нотира дека работата треба да продолжи на реинтеграција и ресоцијализација на повратниците, како и на дерадикализација во затворите.
Европската комисија се осврнува и на реформите во разузнавачките служби, со констатација дека треба да се зајакне парламентарниот надзор над работата на разузнавачите.

Потребна е поголема по светеност за борба против тортура

Во однос на заштитата на фундаменталните права, земјава во голема мера ја има усогласено правната рамка со европските стандарди. Министерството за труд и социјална политика, според ЕК, продолжува да вложува во општествените услуги, вклучувајќи и во поддршка на жртвите на родово насилство. Од особена важност е спроведувањето на сите одредби од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Може да се забележат подобрувања во вклучувањето на родовите аспекти во главните политички текови и почитување на правата на жените.
Сепак, комисијата нотира недоволна посветеност и затајување на земјава во врска со препораките на ЕК за борба против тортура и постапувањето со притворените и осудените лица во затворите.
Имплементација на законодавството против говорот на омраза и националниот акциски план во рамките на Истанбулската конвенција, според извештајот треба да се подобри во дел од одредбите.
– Цивилниот механизам за надворешен надзор над полицијата сè уште не е целосно функционален и недостигаат претставници од граѓанските организации – се наведува во извештајот.
Во извештајот е посветено внимание и на граѓанските организации за кои се констатира дека работат во поволна средина, при што како позитивно се поздравува тоа што беше усвоена Стратегијата за соработка и развој на граѓанското општество 2022-2024 година.
Граѓанското општество, забележува ЕК, продолжи да игра важна улога во процесите на донесување одлуки и во следењето на активностите на државата. Сепак, се вели дека е потребно подобрување на транспарентноста во креирањето политики и инклузивноста на консултативните процеси.

ЕК очекува договорот со Фронтекс да биде потпишан до крајот на годината

Во однос на кластерот 6 за надворешни односи, во извештајот се посочува дека Македонија има постигнато добро ниво на подготовка во однос на заедничката надворешна и безбедносна политика.
– С. Македонија постигна многу добар напредок и целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, по руската агресија против Украина. Со тоа, С. Македонија покажа дека може да биде доверлив партнер – се наведува во извештајот.
Во делот на миграцијата, од ЕК посочуваат дека земјава останува една од главните транзитни маршрути за движење на мигрантите, но, се додава дека Македонија продолжува да игра конструктивна улога и ефикасно да соработува со соседните земји и земјите-членки на ЕУ по ова прашање.
Договорот со Фронтекс, кој треба да распореди постојан корпус на Европската гранична и крајбрежна стража во земјава, според извештајот, се очекува да биде потпишан пред крајот на годинава.
Како забелешка, од ЕК препорачуваат дека на земјава ѝ е потребен посистематски пристап во борбата против шверцувањето мигранти, како и буџетски средства за таа намена.

Поволна слика за слободата на медиумите

Извештајот на ЕК нотира умерен успех во областа на слободата на изразување, каде што, како што се наведува, постигнат е ограничен напредок во однос на препораките од претходниот извештај.
Од ЕК оценуваат дека во општ контекст сликата за слободата на медиумите е поволна, се истакнува можноста за критичко медиумско известување, иако, како што се додава, забележани се одредени тензии за време на локалните избори минатата година.
Понатаму во извештајот се наведува дека активностите за саморегулација на медиумите треба да продолжат и да доведат до практични резултати преку унапредување на професионалните стандарди во новинарството.
Од ЕК нотираат дека е потребна поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии, а надлежните треба да ги засилат своите напори за реформирање на јавниот радиодифузен сервис, обезбедувајќи негова независност, професионални стандарди и финансиска одржливост.


Кацарска: Многу од препораките се повторуваат и стагнираат

За директорката на Институтот за европска политика (ЕПИ), Симонида Кацарска, очекувано е тоа што Европската комисија во извештајот генерално држи позитивен тон во однос на посветеноста на властите на ЕУ-агендата, со оглед на тоа што имавме пробив во јули во однос на процесот на отворање на преговорите и формален почеток на скрининг-процесот.
Според неа, во повеќето поглавја има одреден напредок и споредено со минатите години, нивото на подготвеност за преземање на обврските од членството останува релативно исто.
– Единственото поглавје во кое имаме зголемено ниво на подготвеност за преземање на обврските за членство е во поглавјето за заедничката надворешна безбедносна политика – вели Кацарска за МИА, коментирајќи го извештајот на ЕК.
Нејзина оцена е дека и покрај напредокот, очигледно е дека има многу области во кои препораките се повторуваат и тие стагнираат.
– Дополнително, исклучително загрижуваат негативните процени на комисијата во однос на капацитетот за управување со средствата од претпристапните фондови, кои се повторуваат неколку години по ред – констатира Кацарска.


Стојковски: Умерена подготвеност значи сме презеле дел од европските закони, но не ги применуваме

Умерената подготвеност е изразена оцена на Унијата дека сме на половина пат со преземањето на европското законодавство, но не и со неговата примена, оценува Андреја Стојковски од „Преспа институт“.
– Нашето законодавство е околу 42 отсто усогласено со европското, според процените на СЕП. Но тоа не значи дека ние сме усогласени, за усогласеност е потреба примена на таквите усогласени закони. Оттука умерената подготвеност е изразена оцена на Унијата дека сме на половина пат со преземањето на европското законодавство, но не и со неговата примена – вели Стојковски.
Тој, осврнувајќи се на делот за борбата против корупцијата и реформата на јавната администрација, вели дека недостига визионерство кај политичарите во земјава за да има некаков напредок во овие области.
– Кај политичарите мора да се гради визионерство и да се престане да се гледа јавната администрација како придобивка за партијата од изборите – констатира Стојковски


Димитров: Да се прекине со партизацијата на јавната администрација

Поранешниот министер за надворешни работи и поранешен вицепремиер за европски прашања Никола Димитров, коментирајќи го извештајот на Европската комисија за напредокот на С. Македонија, повика на запирање на партизацијата на јавната администрација.
– Кај јавната администрација се нотира доцнењето на големите законски проекти, крупните реформи коишто во основа значат натпревар на способни, а не на партиски војници и воведување на овој натпревар и за високи државни позиции во јавниот сектор. Тој закон долго време се зборува, го најавуваме, работиме на тоа, ама уште не е во сила. Очигледно е важна работа, знаеме дека мора да ставиме крај на овој тренд на бескрајна партизација во јавниот сектор – рече Димитров.


Маричиќ: Македонија доби позитивен годишен извештај

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ оценува дека земјава добила позитивен годишен извештај на ЕК за 2022 година.
– Имаме одржливи реформи, препознаен напредок и ни претстојат нови можности – изјави Маричиќ.
Според него, Македонија најдобро стои во регионот во кластерот фундаментални вредности, кој е најважен за динамиката на преговорите, но исто така и во кластерот ресурси, земјоделство и кохезија.


ВМРО-ДПМНЕ: Македонија нема сериозна посветеност на реформите

Според најновиот извештај на ЕК, во Македонија нема сериозна посветеност на реформите, се вели во оцената на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на извештајот на ЕК за напредокот на земјава.
– ЕК јасно нотира дека се потребни решителни напори за да се изгради динамика за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ. Потребен е особен фокус за да се обезбеди ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се поведуваат ад хок иницијативи – посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие уште наведуваат дека во извештајот се нотираат и, како што велат, самоволието на Џафери и неодговорноста во Собранието.
– Имено, ЕК нотира отсуството на отчетност, што јасно се гледа низ повеќемесечно незакажување седници за пратенички прашања во Собранието. Криење од опозицијата и граѓаните. Извештајот покажува дека власта наместо да работи и да се посвети на реформи, се насочува кон стратегиски погрешни цели. И наместо владеење на правото, имаме владеење на самоволието – оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.