Фото: Пиксабеј

Топлите летни температури се крајно непријатни и вистинска среќа е што има само ограничен број денови со вакви екстремни температури во текот на годината. Со една студија на НАСА од 1958 година е воспоставена комфорна зона на температурата меѓу 4 и 35 степени Целзиусови, во која, кога влажноста не надминува 50 отсто, луѓето можат да останат на неодредено време. Но надвор од оваа зона, колку висока температура може да издржи човечкото тело?

И покрај многубројните истражувања, на ова прашање нема општ и прецизен одговор. Различни луѓе можат да издржат различни температурни екстреми, а тоа зависи од начинот на облека, физичките активности, протокот на воздух и засолништето од сонцето. И, пред сè, од влажноста на воздухот.

При многу висока релативна влажност на воздухот, човекот може да биде изложен на ризик и на 36 степени Целзиусови, додека во пустините, каде што воздухот е исклучително сув, луѓето можат да преживеат десет минути на температура од 60 степени. За да се одржи телесната температура на околу 37 степени, организмот при високи температури го ослободува вишокот топлина првенствено преку испарување, односно потење. Меѓутоа, ако релативната влажност околу него е висока, испарувањето е побавно и лицето забележува дека надворешната температура е повисока од онаа што ја мерат термометрите. Општо е прифатено дека на температура повисока од 54 степени Целзиусови, човечкото тело неизбежно ќе страда од топлотен удар. Оваа форма на хипертермија може да се појави и на многу пониски температури, а на неа може да влијаат лекови, алкохол, возраст и други околности. Спортистите што се натпреваруваат на жештини може да бидат изложени на ризик, а статистиката покажува дека децата што се оставени во неизладени автомобили се чести жртви на топлотен удар.

Топлотниот удар е екстремна форма на термички стрес и доведува до зголемување на телесната температура за само неколку минути, вртоглавица, крвавење, колапс на кардиоваскуларниот систем, кома, откажување на мускулите и органите, а во најтешкиот случај до смрт.