ЕЛЕКТРИЧНИТЕ ВОЗИЛА ВО ЛЕР

Светската групација „Стелантис“ неодамна објави дека во 2026 година ќе се врати на производството на хибридниот „фиат 500“, иако престана да произведува бензински мотори и се одлучи исклучиво за електрични возила. Причината е незадоволителната продажба, но и многу бавното прифаќање на електричните автомобили, особено на европскиот континент. Друга причина е конкуренцијата, бидејќи кинеските автомобили и покрај високите европски царини, сепак, се поповолни. Оваа вест отстапува од силниот тренд на европската автомобилска индустрија, која планираше брзо напуштање на бензинските и дизел-моторите, а хибридите што работат делумно на струја, но и на бензин, требаше да бидат само привремено решение. Сега е јасно дека овие транзиции ќе траат многу подолго од очекуваното. Вториот шок дојде од германски „Фолксваген“, кој најави дека ќе го понуди моделот „купра“ со дизел-мотор, односно гориво што се смета за највалкано. И сето тоа кога сите автомобили мора да бидат електрични до 2050 година. Оваа одлука на гигантот од Волфсбург, но и на сопственикот на брендот „Фиат“, делумно може да се потврди врз основа на трендовите и потрошувачките навики во Германија.
Официјалните бројки на Асоцијацијата на европски производители на возила (ACEA) за октомври 2024 година велат дека падот на продажбата на електрични возила во ЕУ изнесува 4,9 отсто во споредба со истиот месец минатата година. Дури и процентот од вкупната продажба е помал и изнесува 13,2 отсто од вкупно продадените е-возила, а во октомври 2023 година изнесувал 14 отсто. Најголем пад на продажбата на „чисти автомобили“ е забележан во Германија, 26,6 отсто! Повеќе од една четвртина. Додека продажбата на електрични возила се намалуваше во Германија, продажбата на бензински возила се зголеми за 3,7 отсто, објави ACEA.
Електричните возила се најскапи, а најевтините со исклучително добар квалитет доаѓаат од Кина, а тоа им создава дополнителна главоболка на Европејците, кои не можат да им понудат на клиентите поприфатливи цени. Затоа побарувачката за автомобили на бензин и дизел ќе продолжи уште многу години. Стратегиското планирање во автомобилската индустрија исто така доведе до прераспределба на уделот на пазарот. Сето тоа ја доведе европската автомобилска индустрија во голема криза. Лошата стратегиска одлука да се брза кон транзицијата кон исклучиво електрични возила создаде огромна криза. Речиси не поминува ден без најава за отпуштање илјадници работници од најреномираните гиганти.