Одењето во вселената е многу тешко за човечкото тело. Луѓето еволуирале во животната средина на Земјата во текот на стотици милиони години, а кога ќе го лишите телото од животната средина на Земјата, работите стануваат значително поопасни
Кога астронаутите одат на вселенска прошетка, тие се соочуваат со губење на густината на коските и мускулите. Поради премногу течност во мозокот имаат проблеми со видот; без гравитација, влажноста на телото може слободно да лебди наоколу. Постои проблем и со мокрењето; се покажало дека гравитацијата е многу важна за нашето чувство за тоа кога треба да уринираме.
По извршувањето на активноста надвор од вселенското летало (EVA), попозната како вселенска прошетка, изненадувачки голем број нокти едноставно паѓаат, пишува „Сајенс алерт“.
Чести повреди на рацете
Техничкиот термин за ова е онихолиза и проблемот има многу поголема врска со атмосферскиот притисок отколку со гравитацијата. Во вселената има многу мал притисок од околината, а тоа некако не е добро за човечкото тело. За да биде што е можно побезбедно за време на прошетката, вселенската облека на астронаутот мора да биде под притисок. Но, кога станува збор за рацете, се појавува проблем.
– Повредите на рацете се вообичаени меѓу астронаутите што тренираат за активности надвор од леталото – напиша тимот предводен од епидемиологот Жаклин Чарват од „Вајл лабараторис“ во конференциски труд од 2015 година.
Кога ракавиците се под притисок, тие го ограничуваат движењето и создаваат точки на притисок за време на задачите, што понекогаш резултира со болка, замор на мускулите, гребаници и повремено посериозни повреди, како онихолиза.
Вселенската прошетка може да значи и доста долг ден заглавен во вселенскиот костим, најдолгиот ден снимен досега бил 8 часа и 56 минути. Тоа е долго време за носење ракавици, кои можат да предизвикаат повреди на рацете и да ги влошат.
Рацете се многу важни, особено ако правите рачни задачи надвор од вселенската станица што не можат да се направат на друг начин. Затоа многу се размислува за тој проблем. Како што забележаа Чарват и нејзиниот тим, се чинеше дека тоа се случува без оглед на дизајнот на ракавиците, откривањето што точно го предизвикува проблемот се покажа изненадувачки тешко.
Ракавиците како најголем предизвик
Во 2010 година тим од истражувачи проучувале 232 повреди на рацете пријавени од астронаутите и откриле значајна корелација помеѓу ширината и обемот на метакарпофалангеалните зглобови на астронаутите, зглобовите на врвот на раката каде што се спојуваат дланката и прстите и ризикот од повреда.
Студијата сугерира дека ракавиците од костимот ја ограничуваат подвижноста на тие зглобови, што врши поголем притисок врз прстите, што резултира со намален проток на крв, оштетување на ткивото и онихолиза.
Ракавиците на вселенските костими се всушност доста сложени. Тие се направени од најмалку четири слоја: удобен слој што е во директен контакт со кожата; слој од меур што се надувува и се стврднува кога ракавицата е под притисок; заштитен слој за да се спротивстави на вкочанетоста на меурот под притисок, за да се овозможи движење; и надворешен слој на топлинска микрометеороидна облека. Овој надворешен слој се состои од неколку посебни слоја.
За да се обиде да ги намали факторите на ризик поврзани со онихолизата, тим предводен од инженерот Кристофер Рид, поранешен вработен во компанијата „Локид Мартин“ сега вработен во „Боинг“, ги проучувал повредите предизвикани од онихолиза кај астронаутите.
Тие открија дека дизајнот на ракавиците игра многу значајна улога во повредите. Помеѓу двата вида ракавици во нивната студија, еден беше поврзан со 8,5 пати поголем ризик од губење на ноктите. Најмногу повреди настанале на средниот прст; големината на ракавиците и должината на средниот прст исто така одиграа улога. Тие откриле дека појавата на онихолиза е поверојатна кај жените отколку кај мажите.
Генерално, наодите сугерираат дека лошото поставување на ракавиците може да игра многу важна улога иако, барем за астронаутите на НАСА, ракавиците се дизајнирани по мера за секој астронаут. Но конечно може да се појави решение, со нови вселенски костими.