„Сплотеност, љубов и мир“ е насловена новата песна на Блаж Маротов, која како да е создадена за времето во кое живееме. Автор на музиката е тој, а текстот е на Цане Трајчевски. Во изведбата учествуваа и другите членови на познатото музичко семејство Маротов – Јуле, синот Бојан и снаата Лена, обединети како „Четири М“. Интересниот спот, кој личи на документарец, во кој се појавуваат и познати светски личности борци за мир, како Ганди, Мандела, Мартин Лутер Кинг, го изработи продукцијата „Валови“, по идеја на Блаж и Лена Маротов.
– Песната е создадена по иницијатива на Цане Трајчевски, за учество на неодамнешниот конкурс за домашниот „Евросонг“, но не влезе во потесниот избор од шест песни. Основната идеја ми беше дека во сеопштото денешно стресно живеење имаме потреба од сплотеност, љубов и мир. Баладата пренесува моќна порака, дека „на исток и запад, север и југ, еден е животот, нема друг“- вели Маротов.