Човештвото планира долгорочно присуство на Месечината, па затоа е неопходно да се воспостави сигурна комуникација, а токму на тоа работи компанијата „Локид Мартин“. Компанијата ја основа независната компанија „Кресент спејс“, чиј прв проект ќе биде сателитска комуникациска мрежа помеѓу Месечината и Земјата. Мрежата наречена Парсек користи констелација од мали лунарни сателити, кои обезбедуваат постојана комуникација помеѓу астронаутите, нивната опрема и Земјата. Овој систем ќе обезбедува и услуги за навигација. Технологијата треба да им помогне на истражувачите да останат во контакт, но и да помогне во промената на текот на вселенските летала.
Од „Локид Мартин“ велат дека тоа треба да се покаже како клучно за оние што ќе останат на површината на Месечината. Јазлите на Парсек создаваат лунарен еквивалент на ГПС, обезбедувајќи им на астронаутите прецизни податоци за нивната позиција, како и насоки за враќање во базата. На овој начин екипажот на роверот ќе го избере најдобриот начин за враќање во базата и за избегнување на опасните кратери.
Парсек треба да биде оперативна до 2025 година, а потребните сателити ќе ги произведува „Локид Мартин“. Иако овој проект може да изгледа прерано, со оглед на тоа што мисијата на НАСА на Месечината ќе биде лансирана на крајот на 2024 година и ќе слета на крајот на 2025 година, треба да се има на ум дека „вселенската трка“ е веќе во тек и дека САД, Кина и приватната компанија „Спејс екс“ прават големи напори фокусирани на Месечината. „Кресент спејс“ би можел да му помогне на „Локид Мартин“ да профитира од тоа „брзање“ без да ги наруши постојните операции.