По реализацијата на едно од најдобрите национални преставувања на 59. издание на меѓународната ликовна изложба „Венециското биенале 2022“, со проектот „Пејзажно искуство“ на уметниците Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, Националната галерија на Македонија како координатор на проектот го претставува проектот пред македонската јавност. Мултимедијалниот проект е поставен во објектот „Чифте-амам“, а изложбата ја отворија министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорката на Националната галерија и комесарка на проектот, Дита Старова Ќерими.
– Уметничките истражувања на Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски со својот наратив му припаѓаат на широкото поле на уметнички искази што ѝ даваат важност на културата на сеќавањето. Присутна веќе неколку децении низ различна теориска, научна, уметничка и културна практика, културата на сеќавањето има сè поголемо значење не само во конституирањето на историјата „која ја пишуваат победниците“, нејзината митологизација и критика, туку и во контекстот на изградување лични и колективни идентитети – родови, расни, етнички, верски, социјални и други… „Пејзажно искуство“ предоминантно се занимава со причините и апсурдите на човековата егзистенција, со убавото и грдото, со кризата на духот, но исто така се занимава и со доминацијата на капиталот, колонијалните политики, идеологиите и технологијата што влијаат врз разобличувањето на рамнотежата на човекот, живиот свет и природната средина во екосистемот – се вели во најавата.
Овој мултинаративен транстактичен проект на тандемот Јанкулоски – Мотеска на критичко-дискурзивен начин укажува на опасностите што демнат доколку не се преземат сериозни системски чекори за совладување на најголемите предизвици на антропоценот, кои се и данок на капитализмот и политиките на власт, како неконтролираната злоупотреба на природните ресурси на планетата Земја во форма на безумни војни (експлицитни или имплицитни, реални или психолошки, физички или хемиски) за нечии идеали, во кои жртви сме сите, а најмногу најмалите, невините и идеалистите. Може ли убавото да биде истовремено и подмолно грдо, естетското да стане слуга на злото, но со намера да го најде вистинскиот пат за да стане опомена? Сите овие прашања, со преиспитување на тезата за баналноста на злото, се наоѓаат во проектот. В.Д.