Секоја недела во Велика Британија се фрлаат пет милиони електронски цигари за еднократна употреба, што е четирикратно зголемување во однос на минатата година, според истражувањето на групата за рециклирање „Матиријал фокус“.
Само 17 отсто од корисниците на е-цигари ги рециклираат своите уреди, ставајќи ги во соодветни канти за рециклирање, покажа истражувањето. Во спротивно, опасно е и тоа што таквите уреди можат да предизвикаат пожари во камионите за отпад и во капацитетите за третман на отпад доколку не се отстранат правилно.
– Индустријата за електронски цигари вели дека „работи на подобрување на стапката на рециклирање“ – пишува Би-би-си, додавајќи дека електронските цигари се за еднократна употреба, евтини пластични уреди дизајнирани да испорачаат неколку стотици вдишувања никотинска пареа пред да бидат фрлени и често се фрлаат во канти и на улица.
„Матиријал фокус“, непрофитна организација што води кампања за зголемените стапки на рециклирање, пресмета дека возрасните во Велика Британија купуваат околу 30 милиони е-цигари месечно, што е огромен пораст што ја одразува мегапопуларноста на овие производи.
Покрај тоа, електронските цигари за еднократна употреба содржат бакарни жици и литиумски батерии, два многу вредни материјала. „Матиријал фокус“ проценува дека сите такви уреди, кои се фрлаат за една година, содржат доволно литиум за да се обезбедат батерии за 5.000 електрични автомобили.
Правилното складирање на е-цигарите вклучува нивно ставање во посебни канти, во продавници или во центри за рециклирање, кои содржат минерал наречен вермикулит, со што ќе се намали ризикот од пожар.
Оттаму, тие можат да се однесат во специјални капацитети за рециклирање, каде што може рачно да се демонтираат. Според законот, секоја продавница што продава електронски цигари за еднократна употреба треба да ги врати назад. Но потенцијалниот годишен трошок за рециклирање на сите тие уреди би бил 200 милиони фунти, поради што многумина ја избегнуваат оваа норма.
Инаку, незаконски е за оние помлади од 18 години да купуваат т.н. вејп, а истражувањата покажаа дека младите потрошувачи почесто ги фрлаат своите уреди во споредба со возрасните.