„Краст“ е американско-италијански ресторан, сместен во арт-деко зграда од 2.600 квадратни метри и поранешен дом од 1950-тите, покрај живописната река во Мајами, Флорида. Погледот на менито нуди примамливи рецепти и никого не остава рамнодушен

„Краст“ е пицерија во Мајами во која македонскиот шеф Климе Ковачески внимателно ги курира профилите на вкусот на неговите нетрадиционални пици, кои вклучуваат состојки како смокви, пршута и сино сирење.
– Ако некој сака да извадам состојки од пица или да додадам нешто, не го правам тоа – вели Климе.
Строгата политика не ги одврати посетителите на Мајами да ги проголтаат креациите на Климе. „Краст“ постојано добива признанија, вклучувајќи и рангирање во топ стоте места за пица на магазинот „Јелп“ во САД. Во пицеријата се добиваат и огромни порции фантастична италијанска храна, како пржени лигни, равиоли од јастог и пилешка пиката. Климе и неговата сопруга Анита го водат „Краст“ како да организираат вечера во домашно бистро во Италија.
Климе секогаш е заинтересиран за повратни информации од клиентите и често ги претвора предлозите за јадење во дел од содржината на долгото мени.

– Ги слушам идеите на моите гости, затоа моето мени е огромно – вели Климе.
Ова е само сегмент од критиката на магазинот „Јелп“ за еден од најпопуларните ресторани во Мајами, „Краст“ на Македонецот Климе Ковачески и неговата сопруга Анита, препознаен по одличната пица и италијанската кујна.

– Во земја со повеќе од 332 милиони жители и два милиони ресторани, конкуренцијата е огромна. Често ме прашуваат зашто не сервирам наши јадења, мојот одговор секогаш е: Јас во Охрид и во Опатија студирав француска храна. Мојата цел е да бидам подобар од Французите, Италијанците, Шпанците и сличните на нив, кои имаат големо познавање на угостителството, така си го манифестирам моето македонско потекло. Исто така и во љубезноста на приемот и услугата. Никој не може да се мери со гостопримството на Анита, како таа прави секој гостин да се чувствува како да е крал или кралица – вели Климе.
„Краст“ е американско-италијански ресторан, сместен во арт-деко зграда од 2.600 квадратни метри и поранешен дом од 1950-тите, покрај живописната река во Мајами, Флорида. Погледот на менито нуди примамливи рецепти и никого не остава рамнодушен.

– Почнавме да го градиме „Краст“ во август 2014, а го отворивме во август наредната година. Оттогаш почна да се создава приказната – сподели Климе.
Неколкупати е наградуван како еден од подобрите ресторани во Мајами, исто така и во Америка. Често се читаат добри критики за него, познати афирмирани магазини објавуваат статии за него и го сместуваат на листата на најдобрите. Гостите во ресторанот најмногу ги привлекуваат и повторно ги враќаат квалитетната храна, добрата услуга и пристапните цени. А дел од секојдневието на „Краст“ се и популарни личности.
– Анита е ангажирана за гостите и е значајна алка од бизнисот, а поради нејзините заложби доаѓаат и обични луѓе, но и многу познати имиња. Анита има менталитет на добра домаќинка, како дома така комплетно е посветена и во ресторанот – истакнува Климе.

Поглавјето со готвењето во животот на Ковачевски почнува со завршување на Средното угостителско училиште во Охрид. Продолжува со висока угостителска школа во Опатија, а потоа се преселува во Мајами, во 1984 година. Од 2004 до 2014 година патувал низ цела Америка како консултант за ресторани, а последниве години е стациониран во Мајами и му е посветен на сопствениот ресторан.
– Мајами ми се залепи за срце. Нема град како него. Само Охрид ми е поблизок до срце од Мајами. И одлично ни оди бизнисот. Но најголем успех во животот, поголем и од рестораните, ми е бракот со Анита. И сега, еве, ѝ се враќам и на музиката – вели Климе, кој своевремено беше гитарист во групата „Анастасија“, а во последно време е ангажиран околу „Трага бенд“, со кој создава македонска музика.