Најстар учесник на годинешното моторели беше Словенецот Ратко Широк, кој по 17. пат е дел од ова рели. Тој најави дека и идната година, на 79-годишна возраст, очекува да биде дел од настанот
Со учество на над 300 мотоциклисти од земјава и странство, во изминативе три дена се одржа 33-то издание на моторелито „Независност Македонија 2024“. Многумина од мотоциклистите беа гости од странство, и тоа од Словенија, Швајцарија, Австрија, Србија, Хрватска и други земји. Целокупната должина на релито беше извозена во период од три дена, со две ноќевања, во Дојран и во Охрид, а стартот и целта беа во главниот град.
– На наше големо задоволство, и годинава, по 33. пат, се одржа моторелито „Независност Македонија 2024“. Овој настан го организира Мотофедерацијата. Релито стартуваше од градскиот плоштад во Скопје, а потоа преку Куманово, Кратово и Пробиштип, со пауза во Кочани, продолжи преку Виница, Берово, Струмица до Дојран, каде што беше организирано првото ноќевање. Вториот ден релито од Дојран продолжи преку Гевгелија, Неготино и Кавадарци, со пауза во Прилеп, продолжи во Битола и Ресен, а второто ноќевање беше во Охрид. Во завршниот ден, релито од Охрид, со пауза во Кичево, продолжи преку Гостивар и Тетово, за да финишира на градскиот плоштад во Скопје, каде што и го започна својот тридневен пат – истакна Зоран Трајковски, претседател на Мотофедерацијата.
Тој потсети дека најстариот учесник на годинешното мото-рели беше Словенецот Ратко Широк, кој по 17. пат е дел од ова рели. Ратко Широк најави дека и идната година, на 79-годишна возраст, очекува да биде дел од настанот. З.А.