Во зависност од климата и односот прозорец – ѕид на зградата, технологијата може да ги намали сметките за енергија за околу 25 проценти

Британската стартап-компанија „Вотер филд глес“ разви стаклени панели исполнети со вода што користат сончева светлина за напојување на „невообичаен“ систем за греење и ладење за заштеда на енергија, пишува „Дезин“.
Основана во 2020 година, од страна на професорот по архитектура Матијас Гутаи од универзитетот „Лафборо“ и неговите колеги Даниел Шинагл и Аболфазл Ганџи Кејбари, „Вотер филд глес“ има цел да користи патентирана технологија за да ги направи зградите со цврсто застаклување значително поодржливи.

Апсорпција на топлинска енергија

Нивните прозорци содржат тенок слој вода помеѓу стаклата, која ја апсорбира топлината од сончевата светлина или друго зрачење, како што е топлината што ја напушта просторијата. Загреаната вода потоа се испумпува преку затворени цевки под низок притисок до поладните делови од зградата, преку системот на подот или до термалното складирање.
Со апсорпцијата на топлинската енергија на овој начин, стаклото исполнето со вода го ограничува и количеството сончева топлина што влегува во зградата преку прозорците, намалувајќи ја потребата за климатизација во топла клима.
– Знаеме дека ставањето вода во прозорецот звучи како сосема луда идеја. Но ние веруваме дека тоа е важно, бидејќи кога размислувате за енергијата на зградата и намалувањето на емисиите на јаглерод, сè уште има многу потенцијал и можност да се размислува за застаклување. Стаклото е одговорно за голема употреба на енергија за греење и ладење, а тоа е сеприсутен материјал, се наоѓа речиси на секоја зграда. И ако размислите за тој потенцијал, мислам дека дури и лудите идеи се донекаде оправдани. Дури и ако идејата звучи малку лудо, мислам дека е важно да размислуваме за алтернативи на она што го имаме – изјави Гутаи.

Технологија што ги намалува сметките за 25 проценти

„Вотер филд глес“ проценува дека, во зависност од климата и односот прозорец – ѕид на зградата, неговата технологија може да ги намали сметките за енергија за околу 25 проценти во споредба со стандардните прозорци.
Првите комерцијални проекти на стартапот, индустриска зграда во Унгарија и станбен комплекс во САД, сега се во изградба. Тој заврши два прототипа на згради користејќи ја технологијата, наречени „вотер хаус 1.0“ и „вотер хаус 2.0“ – првата мала колиба во Унгарија, а втората павилјон на универзитетот „Фенг Чиа“ во Тајван.
Гутаи рече дека стаклото исполнето со вода овозможува зградите да бидат силно застаклени без да се загрози одржливоста.
– Целата идеја доаѓа од сознанието дека движењето на енергијата е многу, многу поевтино од греењето или ладењето на просторот – рече Гутаи, кој претходно работеше за истакнатиот јапонски архитект Шигеру Бана во истражувачката лабораторија „Кенго Кума“ на Универзитетот во Токио.