Шестото издание на фестивалот на авторска народна музика „Прилеп фолк-фест 2022“ ќе се одржи на 26 мај, во домот на културата „Марко Цепенков“, во градот под Маркови Кули. На годинашното фестивалско издание ќе настапат најголемите македонски фолк-ѕвезди: Блага Петреска, Наум Петрески, Нино Величковски, Зуица Лазова, Марјан Коцев, Елена Велевска, Адријана Ацевска, Сузана Гавазова, Сања Ристеска Сања Барбика, Спасен Сиљаноски, Анета Арсовска, Живе Мешуревски, Јордан Митев, Татјана Стефановска…
Фестивалот е во организација на здружението за музичка продукција и организација на настани „Уан веј“ од Скопје, а под покровителство на Општина Прилеп.
Уметнички директор е познатиот текстописец Борче Нечовски.
– Огромна е одговорноста да се организира еден ваков фестивал, но уште поголемо е задоволството што ќе настапат голем дел од најдобрите артисти и автори, кои оставиле огромен белег во нашата новокомпонирана народна музика. Потребата од вакви фестивали е, секако, многу важна, имајќи ја предвид моменталната ситуација на општествено, а секако и на културолошко ниво. Особено ме радува што на нашиот повик се одзваа буквално најдобрите и убеден сум дека и љубителите на народниот мелос во Македонија ќе уживаат во новите фестивалски песни – вели Нечовски.