Научниците соопштија дека минатото лето во Европа било најтопло откога се водат податоците со температури што биле за еден Целзиусов степен повисоки од просекот во изминатите три децении.
Извештајот објавен од европската служба за климатски промени „Коперник“ покажа дека пролетта 2021 година била постудена од просекот, додека летните месеци биле обележани со силни и долготрајни топлотни бранови, кога биле срушени голем број нови температурни рекорди, вклучувајќи ги и незабележаните 48,8 Целзиусови степени измерени на Сицилија во август минатата година.
Долготрајните високи температури придонесоа за пожари, меѓу другото во Сибир, Грција и Турција минатата година, а експертите велат дека тоа ја зголемило веројатноста за обилни дождови, како оние што доведоа до смртоносни поплави во Белгија и Германија во јули.
Температурите на површината на морето минатата година беа повисоки од кое било време, најмалку од 1992 година во источниот Медитеран и делови од Балтичко Море, каде што температурите се зголемија за повеќе од пет Целзиусови степени над просекот во текот на летните месеци.
Годишната брзина на ветерот во делови од Западна и Централна Европа беше меѓу најниските од 1979 година. Тоа доведе до намалување на проценетиот потенцијал за енергија од ветер, еден од главните извори на обновлива енергија на кои европските земји сметаат за намалување на емисиите на стакленички гасови при производството на електрична енергија, наведува службата за климатски промени „Коперник“.
Наодите на европската агенција се базираат на податоци од метеоролошките станици на земјата и сателитски набљудувања од 1950 година. На глобално ниво, извештајот покажа дека 2021 година била меѓу седум и пет од најтоплите години забележани досега, во зависност од користените податоци.