Посакуваме оваа приказна да продолжи, зашто ваква соработка не се реализира секој ден, порачуваат учесниците на концертот

На 6 декември акустичен концерт на познати македонски кантавтори

Дека квалитетната музика никогаш не губи од актуелност и нејзините вечно зелени песни секогаш со задоволство се прифатени од публиката, доказ ќе биде и акустичниот концерт на петмина познати македонски кантавтори, што ќе се одржи на 6 декември во Скопје.

Во интимниот амбиент на поткровјето на „Дневна соба“ (Public Room) повторно ќе прозвучат бевременските хитови на петтемина фантастични македонски музичари: Јаков Дренковски, Аљоша Симјановски, Џина Папас – Џокси, Жаклина Стевковска и Александар Стефановски – Јаблан.

Веќе се во тек пробите за оваа незаборавна дружба на драги пријатели и колеги, кои во изминатите 30 и кусур години заедно чекореле на македонската музичка сцена.

 Иницијатор за концертот е Џина Папас Џокси, а искрено се надеваме дека оваа музичка приказна нема да запре тука, туку ќе продолжи и во други градови во земјава.

– Долго време не сум одржал концерт, ако ги занемарам настапите на фестивалите. Ова е еден сосема поинаков начин на музицирање и создава вистинска магија и интеракција со публиката. Идејата за оваа вечер на музика и на спомени е моја, а се роди за време на една случајна средба со Аљоша Симјановски, кој ми е сосед. Кога сосема спонтано го прашав: „Дали сакаш заедно да организираме еден акустичен концерт?“, тој ведаш се согласи. Од летоска поинтензивно размислуваме на оваа тема, а на наше големо задоволство за две недели она што со љубов и многу емоции го подготвивме ќе го слушне и публиката – ни рече Џина Папас Џокси.

Тој ќе настапи заедно со Александар Стефановски-Јаблан, познат македонски музичар, кој бил член на групите „Триангл“, „Багаж“, „Меморија“…, а заедно со Џоски членувал во нивниот акустичарски бенд „Макакус“, што е кратенка од македонски акустичари.

– Иако доста работам во стдуо периодот и снимам нови песни, и јас многу долго не сум имал жив контакт со публиката, па токму затоа многу му се радувам на концертот. Заедно со Џокси во „Макакус“ снимивме повеќе песни, некои ќе ги отсвириме на 6 декември, меѓу кои се и: „Разделба“, „Кловн и кукла“, Глинено око“, која беше дел и од репертоарот на „Триангл“, и две нови песни – вели Јаблан.

Меѓу петте гитари што ќе ги слушнеме на концертот ќе биде и онаа на Жаклина Стевковска, позната македонска глумица, членка на театар „Комедија“. Таа се уште е доста активна и на музички план и секој петок настапува во кафулето „Тесла“, во близина на Машински факултет во Скопје.

– Чувствувам голема возбуда, бидејќи реализацијата на оваа убава идеја, кај сите разбудди многу емоции. Кај мене, пред се затоа што Џокси и Јаков на некој начин се мои учители, зашто јас почнав да настапувам кога тие веќе беа активни и познати, а Аљоша го режираше првиот спот на женската акустичарска група „Шарм“, чиј член бев и јас. На скорешниот концерт ќе се претставам со нешто постаро, со некои песни од албумот „Писма неотворени“ од 1990-те, со Џокси ќе ја испееме и макфестовската „Побарај ме со песна“, а ќе ја отсвирам и новата мелодија „Мајски дождови“ – ни рече Жаклина.

Во спонтаниот, неврзан муабет сите се потсетија на незаборавните мигови во својата кариера, па така Џокси рече дека никогаш нема да го заборави концертот на „Макакус“ во МКЦ, тогашен „25 Мај“, бидејќи такво нешто што не се повторува.

За Јаблан и Жаклина највпечатлива била голема желба кај сите да направат нешто големо, различно и уникатно.

– Ние бевме големи ентузијасти, имамвме секојдневни проби во МКЦ (25 Мај), каде имавме на располагање простории за вежвање, се ни беше достапно, за разлика од денес. А вежбавме по 10-тина часа на ден – се потсети Јаблан.

Жаклина Стевковска ни откри дека во 1980-те имало и „Афест“ во МКЦ- акустичарски фестивал, а наши учесници, и таа била еден од нив,гостувале на фестивали во некогашна Југославија, а меѓу попознатите било оној во Сивац, Војводина.

На концертот свој настап со гитара, но и на клавир ќе има Аљоша Симјановски, кантавтор, режисер, а периодов и колумнист во весникот „Нова Македонија“.

– Убаво е да си дел од еден ваков проект, бидејќи ова е тип на искрена музика, која допира до луѓето и претставува противтежа на „копи пејст“ музиката што е актуелна последниве години. Инаку сите ние се знаеме меѓу себе, сме соработувале и настапувале заедно неброено пати во изминатите 30-40 години. Своевремено членував во групата „Разбој“ и од нејзиниот репертоар ќе ја испеам песната „Насмевка“, па песната која меѓу првите имаше ангажиран текст со наслов „Овој свет е безнадежно несовршен“, „Среќата е во малите нешта“, „Градот во кој сум роден“ и прмиерно ќе ја изведам нумерата „Проаѓа се со време“. Се надевам дека во иднина ќе има повеќе вакви настани, но и дека ќе заживеат фестивалите, кои не смеат да згаснат, туку ќе станат задолжителен дел на една организирана македонска естрадна сцена – вели Аљоша Симјановски.

И Јаков Дренковски со задоволство ја прифати поканата да биде дел од овој редок музички настан.

– Убаво е повторно на сцената да засвириш со колегите со кои си почнувал, со кои со создавал искрена музика, која често пати беше нарекувана рециртал, поради убавите текстови што им беа поткрепа на песните. Ете затоа, во името на старите добри времиња ја прифатив поканата од Џокси и еве ме. Посакувам оваа приказна да продолжи, зашто ваква соработка не се реализира секој ден. Ова е важен момент во историја на македонската популарна музика и убаво е што се уште сме активни и работиме и покрај тоа што оставивме многу зад нас и веќе сме дедовци. А во тие 20 минути на сцената, колку што ќе има секој од нас, ќе ги свирам моите познати песни, но и нешто ново, за да се види дека сум работел и овие последни години – вели Дренковски.

На крајот на концертот сите заедно ќе ја испеат песната „Скитник“, која е негов заштитен знак и химна на многу генерации, која досега доживеа повеќе верзии.


Како се роди култната песна „Скитник“!

Како се роди „Скитник“ ни раскажа Јаков Дренковски.

– Постојат многу скитници низ светот и секој има свој животен пат, своја приказна. Некогаш се остварува тоа што човек го сонува, некогаш не, но кога се тргнува на најдолгиот пат наречен живот, треба да се напарави првиот, па и најмал чекор,кој води до успехот. Јас и Зоран Катру, авторот на текстот на „Скитник“, трениравме ватерполо во клубот „Студент“, па во „Вардар“, и одевме заедно на тренинг дури до Идризово. Бидејќи патот е долг 20-тина километри, за време на возењето доста разговаравме, а во една прилика му ја испеав мелодијата на „Скитник“ со „на на на“, му кажав некои мои мисли како треба да изгледа текстот и му реков: „Ова е мелодијата, а ти скитај некаде со текстот“. И се разделивме, во строгиот центар на Скопје, каде што тој живееше. Рано изутрината, во 3 часот, тој заѕвони на мојата врата. Отидовме на прсти до бањата, каде ми го прочита текстот, а јас одушевен му пружив рака, го прегрнав и веднаш ја земав гитарата. И се случи чудо, секој збор се вклопи, се слеа со музиката, немаше никакви проблеми, што и кај двајцата предизвика солзи радосници, бидејќи знаевме дека заедно создадовме нешто многу убаво. По „Скитник“, Катру го напиша текстот на „Сеќавање на првата љубов“, а во 2003. година се роди песната „Човек на ноќта“ која не е досега сниемна, но наскоро ќе ја ставам на носач на звук. За жал Зоран Катру веќе не е со нас, но живее преку своите песни – ни откри Јаков Дренковски.

Фото: Марија Таушанска