Песни што ме тераат да играм
Дедо ми Јаков Ангелковски е роден во 1901 г. кога паднал првиот снег, а баба ми Цвета Глигоровска во времето на големите дождови во 1900 г. во Ташмаруниште. Во 1903-та, османлиите го палат и ограбуваат селото и ги гонат комитите, поради што четите од Ташмаруништа и с. Дрслаица и с. Ложани (Вевчанската чета не дошла) ноќта меѓу 4 и 5 август започнуваат борба со турскиот аскер како дел од Илинденското востание. Луѓето бегаат во околината, се враќаат по неколку недели, а селото тотално изгорено, запустено, кучињата ги јадат коските од починатите. Животот во селото станува многу потежок, цело време се под присмотра на османлиите. Во 1915 г. прадедо ми Алексо тргнува за Белград за подобар живот, а со него тргнува и дедо ми. На железничката во Белград продаваат бонбони, слатки во дрвени кутии обесени на вратот. Подоцна се селат во Зрењанин. Дедо ми во 1925 г. отвора слаткарница со сите салтанати во центарот на Зрењанин. Се враќа во Ташмаруништа, ја зема баба ми и ја носи во Војводина. Тука се раѓаат нивните шест деца, една од нив е мајка ми Анастасија-Наталија. Бизнисот се шири и отвораат неколку слаткарници во околината (Ечка, Меленци, Ботош, Нови Сад), каде што се прават најдобрите бонбони, орасници, сладолед, алва, кретош, клакер, кабеза. Во 1960-тите, мајка ми и тетка ми се враќаат да живеат во земјата на своите татковци, Македонија, во Скопје. Јас се раѓам многу години подоцна. Летата ги поминувам како дете во Зрењанин, со своите роднини, каде што најголемите случувања во тој период се летните панаѓури што се одржуваа на разни места. Многу ги сакав тие шарени, бучни метежи, реки од луѓе, музика, вртелешки, кловнови, мечки со нивните газди-тренери, Циганите со нивните трубачки оркестри. Чудесија во очите на седум-осум годишно дете. Дедо ми и вујко ми имаа тезги таму (огромни шатори) полни со боза, чоколади, кабези, клакери, орасници, кретоши. Дедо ми важеше за еден од најквалитетните слаткари (учеше школо од Унгарецот Пиштибачи). Јас помагав на тезгите, продавав, дував балони, точев боза, гледав да не крадат.
На еден од тие панаѓури дојде стокмен господин, со мантил, костум, роза на реверот, отскокнуваше од другите и седна на столчето. Дедо ми и вујко ми се скрија и ми рекоа да го услужам. Океј. Ми вели господинот: „Мали чокајлијо, дај ми мало кретоша и клакера“. Му носам. Го изеде и пак ми вели: „Дај ми још кретоша и велику флашу кабезе, неее дај ми две флаше“. Го послужувам. Изеде господинот сѐ и тргна да си оди. Трчам по него, му велам: „Друже, заборавивте да платите“. Тој не ме ни гледа, си оди. Вујко ми и дедо ми се газат од смеење. Јас пред него: „Дајте ми пари“. Тој се врти и ми вели: „Мали, јел ти знаш ко сам ја“. „Не знам“… „Ја сам Звонко Богдан и сад чу да певам, ено чека ме оркестар Јанике Балажа, и испеват чу једну македонску песму, за рекламу твог деде“. Јас тогаш не знаев кој е Звонко Богдан, ниту Јаника Балаж, ниту знаев дека Звонко никогаш не плаќал кај дедо ми. „Вие треба да ми платите“. Виде-невиде, пејачот ми плати и се качи да пее, а пееше божествено, испеа и македонска песна, ги поздрави дедо ми и неговата слаткарница, но и мене, неговиот внук. По завршувањето на концертот дојде повторно кај нас на тезга и му вели на дедо ми: „Слушај Јакове, ми Буњевци и ви Македонци имамо исту тешку судбину. Али све док имаш онакве Македонце као онај твој унук ваша нација че опстати“. И повторно зеде кретош и кабеза, но овој пат не плати. Оттогаш многу почесто ги слушав неговата музика и неговото пеење. На радио таму горе често пуштаа негови песни. Од сегашна гледна точка, за мене беше чест да го видам во живо Звонко Богдан, па дури и муабет да направам. А го гледав многу често, секое лето. А Звонко, посебна приказна, харизматичен, насмеан, женкар, неверојатни песни, негови или на други автори. Вистински боем со сите салтанати. Неговите изведби важат за најоригиналните изведби на таков тип музика. Срцето само ти игра кога ќе ги запее: „Фијакер стари“, „Веч одавно спремам свог мркова“, „Говори се да ме вараш“, „Тко те има тај те нема“, „У том Сомбору“, „Вратит че се роде“, „Буњевачко прело“, „Те сан ланчо трговцо“, „Кад сам био млаџан ловац ја“, „Када падне први снег“, „Осам тамбураша с’ Петроварадина“, „Ако једном одеш ти“… Бисер до бисер, парче душа исткаена во песна, и музика и текст, и тој некрунисаниот буњевачки крал, неговото височество Звонко Богдан, еден од ретките што комуницираат со публиката на неверојатен начин. Колку е сакан и признаен од разни генерации од сите нации покажува податокот дека тој свирел на најголемиот и веројатно најдобриот европски музички фестивал „Егзит“ во Нови Сад, и тоа на главната сцена, пред огромна публика од млади луѓе што ги пееја сите негови песни наглас. Годините течат, и дознавам дека Звонко доаѓа да пее во Македонија на отворено. Се јавувам кај братучедите во Војводина, да ми пратат кретош и клакер и го добивам еден ден пред концертот. А концертот, неверојатен, иако годините поминати, тој остарен, но таа енергија, тој глас и става, таква кондиција како 30-годишен маж, такво нешто нема веќе. Недостигаше уште женскиот дел од публиката (кој спобудале) да фрла долна облека, како на времето. Завршува концертот. Се доближувам до него, тој седнат на едно столче. Вадам кретош и кабеза и му ги давам. Ме гледа, се чуди. „А одакле теби кретош, па још и кабеза“. Му велам: „Се сеќаваш на Јаков слаткарот“. Тој станува, видно возбуден: „Ма није ваљда, ма није могуче, мали чокајлија унук Јакова из Зрењанина“. Вади пари да ми плати, а се смее. „А не, ово ти је од мене“. Го проба кретошот: „Није таквог квалитета како код твог деде“. Направивме муабет и се разделивме. И така понекогаш кога сакам да се одморам, преиспитам, да се вратам во младоста, едноставно го пуштам Звонко на телефонот и полека се редат сликите на Бегеј, Дунав, Сава, Ташмаруништа, езерото Глобочица, врбите покрај Вардар, комитите, панаѓурот, дедо ми, роднините, безгрижното детство и големото пространо Војводинско Поле и насмеаниот лик на последниот балкански боем од стариот ков.
Автор: Љупчо Давчев