Во списанието „Сајенс“, два пара академици објавија истражување во кое се залагаат за употребата на инсекти како извор на храна за луѓето и добитокот.
Првиот пар, Аруп Кумар Хазарика и Унмилан Калита, од универзитетот „Котон“ и колеџот „Барнагар“, Индија, тврдат дека постои силен аргумент да се користат инсекти за да се задоволат зголемените потреби за храна низ светот во наредните години. Додека, пак, Арнолд ван Хуис од универзитетот „Вагенинген“ во Холандија и Лаура Гаско од Универзитетот во Торино, Италија, тврдат дека постојат силни аргументи за користење инсекти како добиточна храна.
Како што расте глобалната популација и се намалува земјата достапна за одгледување храна, научниците низ светот почнаа да бараат алтернативни извори. Во два труда објавени во списанието „Сајенс“, сите автори се согласуваат дека одговорот може да го дадат инсектите.
Во првиот труд, авторите забележуваат дека тоа што луѓето јадат инсекти не е новост. Луѓето ги јадат онолку долго колку што постојат. Иако многу луѓе во светот сè уште јадат инсекти, сепак повеќето не ги јадат. Всушност, на повеќето места луѓето го гледаат консумирањето инсекти како одвратно, па дури и валкано. Тоа би можело да се промени, као што тврдат авторите, доколку инсектите се добиени преку комерцијално одржливи продажни места.
Тие забележуваат дека јадењето инсекти може да обезбеди многу нутритивни придобивки, на пример обичните штурци се богати со протеини. Тоа ги прави конкурентни со животинското месо. Истражувачите, исто така, забележуваат дека за инсектите се потребни помалку ресурси за да растат отколку за добитокот, што ги прави главна зелена алтернатива.
Во другиот труд, авторите забележуваат дека моментално најголемиот дел од добиточната храна се произведува од рибино брашно и соја. Тие, исто така, забележуваат дека производството на месо во светот користи помеѓу 70 и 80 проценти од целокупното земјоделско земјиште, но, сепак, произведува околу 25 проценти од протеините што ги консумираат луѓето.
Тие сугерираат дека замената на конвенционалната храна со храна направена од инсекти ќе ослободи големи делови од земја што сега се користат за одгледување добиточна храна. Тоа би било и поздрав извор на добиточна храна. Исто така, одгледувањето инсекти веројатно ќе стане поизводливо бидејќи планетата продолжува да се загрева.
Во двата написа, авторите тврдат дека единствениот фактор што ја спречува употребата на инсекти како извор на храна е подготвеноста на производителите на храна да го сторат тоа.