Научниците спроведоа експеримент во кој успеаја да ги „контролираат“ молњите со ласери, а оваа технологија има голем потенцијал.
Громобраните се користат за безбедно насочување удари од гром на земја уште од времето на Бенџамин Френклин, но нивниот краток дострел (приближно ист радиус како висината) и фиксниот дизајн ги прават неефикасни во заштитата на поголеми површини. Меѓутоа, постои технологија што би можела да ги замени во одредени ситуации. Европските научници успешно тестираа систем што користи ласерски импулси на ниво на терават за да ги насочи молњите кон громобран висок осум метри. Громобранот не е ограничен со својата физичка висина и може да покрие поголема површина, во случајов 180 метри, пробивајќи ги маглата и облаците.
Дизајнот ги јонизира молекулите на азот и кислород, ослободувајќи електрони и создавајќи плазма што спроведува електрицитет. Бидејќи ласерот истрелува многу брзо 1.000 импулси во секунда, многу е поголема веројатноста да пресретне молња додека се појавува. Во тестот спроведен помеѓу јуни и септември 2021 година, гром го следеше зракот речиси 60 метри пред да удри во прачката, односно громобранот.
Истражувачите со години ги истражуваат ласерите за контролирање молњи, меѓутоа експериментите обично се ограничени на многу пократки растојанија и релативно бавни импулси, кои честопати ги пропуштаат молњите додека се создаваат.
Д-р Орелиен Хјуард, кој помогна во водењето на проектот, за „Волстрит џрнал“ изјави дека овој ласер испушта 100 пати повеќе импулси во секунда од претходните обиди.
Може да помине долго време пред да се користат ласерите надвор од експериментот. Матео Клеричи од Универзитетот во Глазгов, кој не работеше на проектот, изјави дека ласерот користен во експериментот чини околу 2,17 милијарди долари. Научниците, исто така, планираат значително да го прошират опсегот до точка каде што громобран од 10 метри ќе има ефективно покривање од 500 метри.
Доколку научниците успеат во својот план, технологијата би можела да ја направи заштитата од громови остварлива на големи површини. Тоа би било особено корисно за заштита на лансирните рампи за ракети, каде што ударите на гром може да предизвикаат одложување на мисијата доколку се премногу блиску до патеката на летот. Тие исто така би можеле да бидат корисни во заштитата на аеродромите, електроцентралите, шумите и другите големи области каде што ударот може да се покаже како катастрофален.