Песни што ме тераат да играм

Весна се појави одникаде, едноставна, полетна, полна со живот. Кога одеше по улица, дрвјата од околината го шепотеа нејзиното име, сонцето ја зрачеше целосно без срам, сакајќи да каже дека таа е само и единствено само негова. Во себе ја имаше и онаа прекрасна лудост, но и оној срам како десетгодишно девојче. Мислам дека половина и од машките и од женските што излегуваа во тој период во „Менада“ (кафуле на почетокот во чаршијата што го држеа двајца браќа од Ѓорче) беа вљубени во неа. На свои 22-23 години веќе го имаше пропатувано половина свет и од целото тоа талкање се врати сосема чиста. Беше гранџ фанатик, но не онаа фиданка што своите корења ги влечеше од хевиметалот како „Алис ин Чеин“, туку оној нојс-панк звук што го донесоа „Пиксис“ и „Блек флег“, конципирајќи го звукот на „Нирвана“ и „Вајлент фејм“.
Какви времиња, каква музика, какви забави, какви дружби имаше тогаш долу во подрумот на „Менада“. Весна неколку години внесуваше енергија во околината околу себе, едноставно сакаш да си покрај неа. Немаше никаква љубовна врска, си беше доволна сама на себе. И јас бев и сѐ уште сум голем почитувач на гранџот, но исто така слушав и друга музика. Честопати во разговори ѝ велев да ги слуша „Токинг хедс“, особено нивните текстови, но за неа тоа беше претенциозно, немаше искреност. Еден период Весна почна поретко да се појавува, за на крајот сосема да ја снема. Не беше веќе исто на забавите. По извесно време дознавме дека се омажила за некој 18 години постар од неа. Роди две деца, машко и женско. Понекогаш ќе ја сретневме, но тоа не беше онаа Весна. Оние порои од реки од чистота и енергија што течеа низ неа станаа само суви корита. Дрвјата од нејзината душа се исушија, имаше овде-онде понекое зелено ливче на сувите гранки, и тоа само кога ќе беше сама со своите деца.

Нејзиниот дом стана нејзин кафез, нејзиниот живот стана пекол, секој ден ѝ беше ист, нејзиниот маж стана нејзин чувар, кој не ја пушташе никаде. Секој ден сѐ повеќе се затвораше во себе, а нејзината прекрасна вајана фигура се претвори во изобличено буре. Но тоа не можеше да оди во недоглед. Чкрапалото за промена, револуција на Весна беше песната „Once in a Lifetime“, издадена на четвртиот албум „Remain in Light“ во октомври 1980 г., во продукција на Брajaн Ено, на неверојатните „Токинг хедс“, напишан од лидерот Дејвид Брн. Основата на текстот на песната е дека голем дел од работите правиме полусвесно, по автоматизам, како вклучен автопилот. И тоа се однесува на сѐ, на работата, на автомобилот, на животот, на изборот на животен партнер, така што еден момент кога ќе застанеш и ќе видиш дека животот само што поминал покрај, тебе ќе си речеш: Па, како стигнав дотука?
Весна едноставно најде излез како да се бори на свој начин, како и сѐ што правеше во својот живот. Ми испрати една разгледница од прашумите на Бразил, со нејзина фотографија. До неа беа синот и ќерката, полни со живот, се бореа за заштита на шумите во Бразил, а од очите ѝ излегуваше оној сјај што го имаше кога имаше дваесет години. Текстот на разгледницата беше краток: Многу ми е криво што порано не почнав да ги слушам „Токинг хедс“.

Љупчо Давчев