Фото: Приватна архива

По повод јубилејот во фестивалската сала „Јанко Узунов“ во Валандово на 3 ноември, со почеток во 19 часот, ќе биде одржана свеченост, на која ќе биде промовирана и монографијата „50 години распеани валандовчани“ (нов музички состав)“, на авторката Станка Бајлозова-Барламова

На 3 ноември во Валандово ќе бидат одбележани пет децении од постоењето на музичкиот ансамбл „Распеани валандовчани“, кој исполнува староградска, народна и новокомпонирана музика, а основан е и опстојува од 1973 година. Негов основач е Леонид Манчев, еден од творците на Фолк-фест „Валандово“, заедно со голем број музички ентузијасти од градот.

По тој повод во фестивалската сала „Јанко Узунов“ во овој град, а во организација на Домот на културата „25 Мај“ во Валандово, со почеток во 19 часот, ќе биде одржана свеченост, на која ќе биде промовирана и монографијата „50 години распеани валандовчани“ (нов музички состав)“, на авторката Станка Бајлозова-Барламова, што излезе од печат на 24 август годинава. Монографија го опфаќа периодот на работа на новиот состав на музичкиот ансамбл. Како дополнување и заокружување на целината, во понатамошниот работен период авторката ќе изработи уште еден дел кој ќе биде посветен на стариот музички состав. „Распеани валандовчани“, кој постоел во деведесетите години на минатиот век. Во 2003. година музичкиот ансамбл е повторно реактивиран од страна на новиот музички состав. Овој музички ансамбл е претставник на валандовската музичка традиција низ државата и надвор од неа.

Фото: приватна архива

– На оваа монографија почнав да работам кон крајот на 2021 година. Беше потребен временски период од околу две години за да се изработи и отпечати во финалната форма. Забележувањето на фактите и информациите во подрачјата на локалните културни истории е многу битно и значајно бидејќи токму тоа се нишките кои помагаат во градењето на нашата заедничка национална историја. Всушност, мојата прва и заедничка соработка со музичкиот ансамбл „Распеани валандовчани“ се случи во чест на нивниот годишен концерт посветен на музичкиот деец Јанко Узунов во 2021-та. Од страна на раководството на ансамблот бев ангажирана за модератор и човек кој што ќе го води концертот. Оттаму продолжија нашите понатамошни соработки. По завршувањето на концертот во разговор со претседателот на музичкиот ансамбл Зоран Стојчев, поттикнав идеја и иницијатива да изработам монографија во чест на нивната претстоешна педесетгодишнина. Идејата веднаш беше прифатена и не помина долго за да се склопи договор за работа – ни рече Станка Бајлозова-Барламова.

Таа вели дека овој ангажман за неа бил убав и поттикнувачки предизвик, а истовремено и можност да ги збогати активностите во областа во која што работи.

– Една од моите работни обврски во Домот на културата „25 Мај“ во Валандово е токму создавањето пишани факти за локалната валандовска културна историја, покрај организирање голем број настани и работилници. Оваа монографија го опфаќа периодот на работа на новиот состав на музичкиот ансамбл. Овој музички ансамбл има долгогодишна музичка традиција и изобилува со богата архива на активности, заложби и достигнувања. Затоа мојата работа ја засновав врз тоа да изработам два тома. Книгата која што оваа година излезе од печат е посветена на новиот музички состав на ансамблот кој е активен од 2003 година, а во текот на моето понатамошно работење ќе изработам уште еден дел кој што ќе биде посветен на стариот музички состав на ансамблот кој бил активен од 1973 до почетокот на деведесеттите години на минатиот век. На тој начин валандовската културна историја ќе биде збогатена со уште две книги кои си се комплементираат една со друга и прават и создаваат комплетна целина – вели Бајлозова-Барламова.

Фото: приватна архива

Инаку таа дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. До сега ги има објавено книгите „Студентски портрет“ (огледи, 2017), „Силуети“ (раскази, 2021), „50 години распеани валандовчани“ (2023, монографија). Работи во Домот на културата „25 Мај“ во Валандово во областа на литературната дејност. Организатор е и реализатор е на работилници и голем број културни настани.

– Големо е задоволството да се изработи нешто кое што му го оставаш на својот роден град како подарок со безвременски рок на траење. Културата е доста специфична област и едноставно мораме да работиме кон тоа да ги поттикнуваме и зголемуваме културните вредности на нашето родно тло. Постојано тврдам дека Валандово е мало место, со голема културна традиција. Музичкиот ансмбл „Распеани валандовчани“ долги години ја негува таа валандовската традиција и неизбежно станува вредност која што ќе биде забележана во локалната историја. Ако Фолк-фест „Валандово“ е најголемиот културен идентитет на градот и Општината, по него во почетните скалила на валандовската културна хиерархија се наоѓа и овој музички ансамбл заедно со уште неколку други поголеми културни идентитети кои што постојано низ текот на годините испишуваат историја – посочи на крајот Станка Бајлозова-Барламова. М.Т.