Cвежиот воздух, недопрената природна убавина и разновидниот див свет имаа лековито дејство врз нас додека снимавме на терен, објаснува режисерот и монтажер Џорџ Стамкоски
„Голем Град – последното скривалиште на природата“ е кратко видео што го подготви Македoнското еколошко друштво и е посветено на 15-годишната работа за зачувување на популациите на шумската желка, поскокот и рибарката на преспанскиот остров Голем Град. Видеото го презентира и проширувањето на истражувањата кон островот Мал Град во Албанија, благодарение на проектот за зачувување на прекугранична Преспа на мрежата „ПреспаНет“, „Преспа проект“, финансиран од фондациите „Преспа-Охрид“ и „Ааге В. Јенсен“, поддржан од „ЕуроНатур“.
Според Драган Арсовски, проектен координатор од МЕД и долгогодишен истражувач на влечугите на Голем Град, снимениот материјал треба да им покаже на нашите млади истражувачи дека вакви комплексни научни истражувања се спроведуваат и кај нас и да ги мотивира да се насочат кон занимања што ќе го истражуваат и заштитуваат биодиверзитетот.
– Возбудлив новитет од 2021 година е што истражувањата ги проширивме и на островот Мал Град во Албанија. По континуиран мониторинг од скоро две децении, свесни сме дека овие острови се дом за репрезентативни, но и уникатни животински популации, кои може да се индикатори за здравјето на целиот преспански басен – изјави Арсовски.
Според Фросина Пандурска-Драмиќанин, авторка на видеото, целиот процес на изработка бил посебно искуство.
– Теренските посети на овие уникатни места, сведочењето на посветеноста на истражувачкиот тим и генерално почитта кон природата што ја почувствувавме сите, ни наметна голема одговорност да создадеме видео што ќе пренесе барем дел од убавината што ја носат овие острови – изјави Пандурска-Драмиќанин.
Cвежиот воздух, недопрената природна убавина и разновидниот див свет имаа лековито дејство врз нас додека снимавме на терен, објаснува режисерот и монтажер Џорџ Стамкоски.
Тони Стојановски, одговорен за визуелниот дел на проектот, споделува дека е среќен што ја имал можноста да биде дел од тимот што работеше на видеото за Голем Град.
– На островот заедно со тимот истражувачи поминав осум дена. Работејќи блиску до Драган и Љиљана имав можност да научам многу за островот, а во самото видео се обидов преку нивната работа да ги пренесам неговата убавина и уникатност – вели Стојановски.
За музиката во видеото се погрижи мултимедијалниот уметник Дејан Спасовиќ.
– Процесот на создавањето на музиката за Голем Град беше, пред сè, справување со одговорноста што ја носи ова митско место, бидејќи, според мене, музиката за едно вакво видео во себе треба да ги содржи сите времиња низ кое поминува овој прекрасен остров – вели Спасовиќ.