Украинскиот панк-бенд „Бетон“ ја преработи познатата песна „London Calling“ на британскиот рок-бенд „Клеш“, претворајќи ја во „Kyiv Calling“, за да се соберат средства за борбата на отпорот за слoбодна Украина. Тричлената група ја сочинуваат архитект, ортопед и бизнисмен, а преформулираната верзија на хитот од 1979 година е снимена во музичко студио во градот Лавов, во западна Украина. Тие се надеваат дека со ова ќе ѝ помогнат на нивната земја, додавајќи дека членовите на „Клеш“ се согласиле сите собрани средства да се донираат.
– Киев го повикува целиот свет: Излезете од неутралноста, момчиња и девојки… – се пее во новата верзија на песната.
Снимен е и спот, со инсерти од воените разурнувања во Украина.
– Голем број украински музичари сега се на боиштата или се ангажирани во рамките на територијалната одбрана. Овојпат гитарите ги заменија со оружје. Се надеваме дека оваа песна го покажува духот на Украинците и е наш бунт против руската агресија – вели пејачот на групата „Бетон“, Андреј Золоб.
„Клеш“ беше еден од најголемите бендови на британската панк-сцена во доцните 1970-ти и имаше неколку големи хитови, како „Should I Stay or Should I Go“ и „Rock the Casbah“.
– „Клеш“ беше една од нашите инспирации кога се вљубивме во панкрок—музиката, тука нема снобизам или претенциозност во музиката. Имаа што да кажат и го кажаа своето мислење против бесот на луѓето. „London Calling“ го отсликува сето тоа и многу сме среќни што можевме да го употребиме овој култен музички класик и да го претвориме во сопствена химна за новото значење на животот во Украина – изјави Золоб.