Започнува националната турнеја на „Швиндел“, прв од серијата перформанси на „Танц. Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница“. Денеска ,со гостување во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес, започнува националната турнеја на првосоздадениот перформанс од низата.
– По гостувањето во Велес, предвидени се изведби во МКЦ во Скопје на 6 февруари, во центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип на 8 февруари и во народниот театар „Антон Панов“ во Струмица на 9 февруари. „Швиндел“ е резултат на едномесечната танцова резиденција на кореографот Тобиас Драегер од Хамбург, Германија, кој беше селектиран како првиот кореограф во програмата на „Танц.Трансформатор“.
Тој, заедно со шестте танчари: Дејан Битровски, Теодора Ежовска, Сара Тасевска, Нина Петрушевска, Елена Стојкоска и Илина Костовска, во изминатите три недели работеше на оваа креација што сега ќе се прикаже во четири града во Македонија.
Терминот „швиндел“ доаѓа од германскиот јазик и има двојно значење, и тоа „измама“ и „вртоглавица“. Кореографот, поаѓајќи од неговата заднина во остеопатија и современ перформанс, ги комбинира двете практики, ангажирајќи се да ги истражува и адресира појавите на вртоглавица и исцрпеност како последица на брзиот начин на животот со кој се соочуваме денес.
– Така, перформансот се занимава со анализа на тоа како луѓето се справуваат со разни емоционални и животни фази, разни состојби, справување со очај, повреда, ранливост на физичко и емоционално ниво, но и со тоа како се преминуваат границите помеѓу нив. Во рамките на работниот процес, кореографот ги предизвика танчарите со вртоглаво патување, а насочено кон истражување на сопственото тело и сопствените граници и анализа на последиците од нашето општество во однос на справувањето со болестите и стареењето. Ги отсликува различните состојби на телото и умот, индивидуалната конфронтација со ранливост и самоизложеност, а повикува на градење доверба со себе и со другите и истрајност – велат од танцовото здружение.