Според интернет-страницата „Ворлд оф статистикс“, Пакистан е прогласен за најевтина земја за живеење. За да дознае дали навистина е така, Џош Ларкин од каналот „Д брнт чип“ на Јутјуб отпатувал до неговиот најголем град, главното пристаниште и финансиски центар – Карачи.
Во Карачи заменил една британска фунта, односно околу 1,2 евро за 400 пакистански рупии и се обидел да дознае што може да купи за еден ден. Своите искуства ги снимил со камера и видеото го објавил на Јутјуб, кое досега го погледнале повеќе од 2,5 милиони луѓе.
На почетокот на денот, Ларкин се освежил со традиционалниот пакистански пијалак дуд, кој се прави од млеко, шеќер, мраз и газиран пијалак, на улица, за само 30 рупии.
За ручек јадел биријани, зачинето јадење направено од ориз, компири и пилешко, и пиел „пепси“ за само 30 центи, а за вечера уживал во раженчиња од морска храна за кои потрошил приближно исто толку.
Во Карачи се обидел да јава камили, возел тук-тук и го гледал танцот на отровните змии на звукот на флејти. Тој платил само три центи за автобуски билет.
Шетајќи низ Карачи, открил дека изнајмувањето стан во тој град чини околу 50 британски фунти или 60 евра, што е најмалку од пет до десет пати поевтино отколку во повеќето европски градови.