Нездравата храна го преобликува вашиот мозок за да ве натера да се враќате за повеќе, покажа студијата на институтот за метаболички истражувања „Макс Планк“ во Келн, во соработка со универзитетот „Јејл“.
Маснотиите и шеќерот во чоколадите, грицките и слатките го активираат системот на наградување на телото, учејќи го да ги претпочита во однос на другите намирници, покажува новото истражување. Германските истражувачи ја следеле активноста на мозокот кај две групи волонтери на кои им биле дадени јогурти, а на едната од нив им била дадена верзија со поголема содржина на масти и шеќер. Реакцијата на мозокот на храна богата со масти и шеќер беше значително зголемена во групата со јогурт со многу масти и шеќер по осум недели. Ова конкретно го активираше регионот на мозокот одговорен за мотивација и награда.
Д-р Марк Титгемајер, од институтот за метаболички истражувања „Макс Планк“, рече дека нездравата храна создава „нови врски“ во мозокот што тешко се „одучуваат“.
– Нашите мерења на мозочната активност покажаа дека мозокот се менува преку консумирање масна храна. Потсвесно учи да претпочита наградувачка храна. Преку овие промени во мозокот, ние секогаш несвесно ќе претпочитаме храна што содржи многу масти и шеќер – објасни тој.
Претходните студии на глувци покажаа дека овие промени во мозокот предизвикуваат и повлекување кога тие се лишени од храна богата со маснотии, зголемувајќи го нивото на анксиозност.
Редовното јадење храна богата со масти може да го зголеми ризикот од дебелина, како и од фатални срцеви заболувања и мозочен удар.