Фото: Домагој Куниќ

Продолжуваме понатаму, велат членовите на хрватската група „Парни ваљак“. По неколкумесечни шпекулации и исчекување, еден од најголемите рок бендови на овие простори претставува нова авторска песна. „Моја глава, моја правила“ е нивниот нов сингл кој го отпеа музичарот Игор Дрвенкар, за кој беше објавена и видео приказна.

– Ги надминавме дилемите, продолжуваме понатаму, бидејќи без свирење немаме цел. Аки секогаш ќе биде присутен во нашиот дух, а во Игор препознавме одличен човек со кој тргнуваме во нова авантура – велат членовите на бендот и го потврдуваат продолжувањето на нивните активности.

Музиката и текстот за новиот сингл „Моја глава, моја правила“ се напишани од Хусеин Хасанефендиќ Хус, авторот на безвременските песни на „Парни ваљак“, со кои израснаа генерации слушатели. Песната е напишана пред неколку месеци, но, го бараше својот глас, а во кадарот се појави токму Игор Дрвенкар кој со својата енергија, пристап и вокални спосбности ги освои симпатиите на членовите на бендот.

Тој е еден од најдобрите млади вокали кој ја воодушеви јавноста со настапите во шоуто А-страна и во мјузиклите „Убавицата и ѕверот“ и „Исус Христос суперстар“, а сега му претстои ново поглавје во животот.

– Замислете ја ситуацијата кога одеднаш, од публика, ќе се најдете на сцената, заедно со најголемиот бенд на овие простори. Секое утро се штипкам за да се уверам дека ова не е сон и свесен сум за одговорноста што ја носи оваа улога – вели Игор.