Фото: З.А.

Иселувањето на младите и неповолната економска клима во градот без доволно работна рака меѓу помладата популација, придонесе во Кичево од 2020 година до денес да бидат затворени над 100 трговски објекти. Тој тренд се очекува да продолжи и во наредниот период ако се има предвид намалената потрошувачка и се полошиот животен стандард на граѓаните, како и отсуството на интерес на младите за работа во трговија.

– Најдобра слика за економската ситуација во Кичево е фактот што во изминатите нешто повеќе од две години на главната улица затворени се над 100 трговски објекти или поточно катанец добија 132 дуќани. Забрзаното затворање на се поголем број објекти во градот е резултат на намалената куповна моќ на граѓаните, немањето на доволен интерес на младите да работат во овие дуќани и она најважното, иселувањето, кое во последниве години добива алармантни размери – вели социологот д-р Садик Емроја.

Тој не е оптимист и не верува дека состојбите ќе се подобрат во наредните неколку години, туку напротив, смета дека ќе продолжи трендот на иселување.

– Од разговорите со сопствениците на дуќаните кои се затворени последниве две години, потврдено е дека кај младите воопшто не постои интерес за работа во трговија и покрај солидната плата и придонеси што им се нудат ..Дополнително состојбата се влошува и од желбата на се поголем број млади да заминат во странство и таму трајно да ја побараат среќата – додава Емроја.

Воо Агенцијата за вработување во Кичево во моментов има пријавено дури 3.000 невработени лица, од кои над 300 се со високо образование. З.А.