Фото: Маја Јаневска-Илиева

Изработката на лични документи ќе поскапи откако Владата го одобрила решението на Министерството за внатрешни работи (МВР), што треба да стапи во сила по објавата во Службен весник. Ваквата информација ја потврдија од МВР, додавајќи дека обрасците моментно се издаваат по цените кои важеа и досега.

– Цената на пасош за лице до 27 години ќе остане непроменета и натаму ќе изнесува 1.500 денари, но пасошот за лице над 27 години ќе изнесува 2.000 денари, што е зголемување за 500 денари. Цената на личната карта ќе изнесува 310 денари, што е зголемување за 120 денари. Цената на возачката дозвола ќе изнесува 410 денари, што е зголемување за 130 денари – соопштуваат од МВР.

Ќе има промени на цените и на обрасците за итна постапка.

– Цената на пасош по итна постапка ќе изнесува 6.100 денари, што е зголемување за 1.600 денари. Цената на возачка дозвола по итна постапка ќе изнесува 1.230 денари, што е зголемување за 390 денари – наведуваат од МВР.

МВР ја правда промената на цените поради зголемените набавни цени на увезени обрасци, зголемени трошоци за одржување на системот кој се врши од страна на странски економски оператор, како и поради набавката на нови машини поради укажана потреба од замена на веќе дотраени машини за персонализација.

До февруари 2024 година, граѓаните имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи на кои наместо досегашното име Република Македонија, треба да стои новото име, кое произлегува од Преспанскиот договор со Грција, Република Северна Македонија. Тоа значи дека граѓаните, кои досега не го сториле тоа, ќе мора да ги сменат личната карта, пасошот, возачката дозвола, сообраќајната дозвола, но и регистарските таблички.