За време на снимањето на продолжението на култниот филм „Гладијатор“ неодамна беа повредени неколку лица.

Како што пренесуваат странските медиуми, шест лица што биле вклучени во продукцијата биле повредени за време на снимањето на продолжението на филмот добитник на „оскар“ од 2000 година. Лицата добија медицинска помош поради изгореници по несреќа што се случила за време на снимањето во Мароко.
– За време на снимањето на планираната каскадерска сцена на сетот на продолжението на „Гладијатор“ се случи несреќа во која неколку члена на екипата добија повреди што не се опасни по живот – рече портпаролот на „Парамаунт пикчрс“ во изјава за Си-ен-ен.

Екипите задолжени за безбедност и лекарска помош веднаш интервенирале и повредените ги довеле во стабилна состојба и сега се на лекување.
– Благосостојбата на актерската екипа е од најголема важност за нас и имаме строги здравствени и безбедносни процедури во сите наши продукции. Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата и да ги преземаме сите неопходни мерки на претпазливост додека продолжуваме со снимањето – наведе портпаролот.

Ова продолжение го режираше Ридли Скот, кој беше одговорен и за првиот филм, а актерската екипа ја сочинуваат Кони Нилсен, Дерек Џејкоби, Пол Мескал, Педро Паскал, Дензел Вашингтон и Џозеф Квин. Премиерата на филмот се очекува во ноември 2024 година.