Фото: НАСА

По два неуспешни обиди за воспоставување врска оваа недела, американската вселенска агенција НАСА официјално „го пензионираше“ приземјувачот „Ин-сајт“, со што ја заврши оваа мисија на Марс.

Приземјувачот последен пат бил поврзан на 15 декември. Агенцијата ќе продолжи да следи сигнали „за секој случај“, но можноста за „оживување“ на уредот речиси и да не постојат.

НАСА истакнува дека мисијата на „Ин-сајт“ на Марс била исклучително продуктивна. Се собирале податоци за длабоката внатрешност на планетата повеќе од четири години.

– „Ин-сајт“ ги оправда очекувањата. Како научник кој ја мина својата кариера проучувајќи го Марс, возбудливо е да се види што постигна приземјувачот благодарение на целиот тим луѓе ширум светот кои помогнаа оваа мисија да биде успешна. Тажно е да се каже „збогум“, но наследството на „Ин-сајт“ живее, информира и инспирира!- изјави Лори Лешин, директорка на лабораторијата за млазен погон на НАСА.

Во понеделникот, НАСА ја објави последната фотографија направена на Марс, од 24 април оваа година. Откако пристигна на површината на „Црвената Планета“ во 2018 година, прашината полека се акумулира на сончевите панели на леталото. На почетокот на оваа година, НАСА предвиде дека слојот прашина ќе доведе до губење на моќта, што ќе предизвика конечно исклучување на приземјувачот. Тоа и се оствари.