Фото: Игор Бансколиев

Истрагите и откривањето коруптивни поведенија на носители на функции во ЕУ, како и постоењето на основи на сомневање за исти и слични нелегални активности на високи европски државници и меѓународно влијателни политички актери (како на пример францускиот претседател Емануел Макрон, кој во својата земја се соочуваше со афера за трговија со влијание и сомнежи за корупција), најлегитимно активираа прашања во јавноста поврзани, во најмала рака, со моралниот кредибилитет на авторитетите од ЕУ!

Коруптивните поведенија на одделни функционери во ЕУ се голем прашалник за веродостојноста На меѓународните договори

Коруптивните скандали што сѐ почесто излегуваат на виделина во институциите на Европската Унија, но и оние во кои се споменуваат и се инволвирани и лидерите на водечките земји на ЕУ, секако не се оправдување и изговор за толеранција на предизвиците со корупцијата што ги имаат земјите-кандидати, како Македонија, но, од друга страна, отвораат сомневања за можна коруптивна заднина на билатералните договори и одредени европски предлози, со кои наводно треба да се забрзаат македонските евроинтеграции.
Истрагите и откривањето коруптивни поведенија на носители на функции во ЕУ, како и постоењето на основи на сомневање за исти и слични нелегални активности на високи европски државници и меѓународно влијателни политички актери (како на пример францускиот претседател Емануел Макрон, кој во својата земја се соочуваше со афера за трговија со влијание и сомнежи за корупција), најлегитимно активираат прашања во јавноста поврзани, во најмала рака, со моралниот кредибилитет на авторитетите од ЕУ!
Уште повеќе, индикаторите за таквата коруптивна практика кај споменатите европски државници раѓаат сомнежи (кај земјите-кандидати за ЕУ, вклучувајќи и кај нас) дека токму склучените меѓународни договори (каде што лидерите на ЕУ биле медијатори или гарантори, како францускиот и Преспанскиот) „биле плод на коруптивни комбинаторики и тргување со влијание“… А нашата држава и граѓани, длабоко верувајќи во принципиелноста и чесните намери на некои од европските лидери, очигледно засега се чувствуваат изманипулирано.

Сомнежи во „предлогот на Макрон“, поради коруптивни врски и влијанија на францускиот претседател

Во периодот кога во Македонија се протестираше против т.н. француски предлог на преговарачката рамка за почеток на преговорите со ЕУ (во јули годинава), францускиот претседател Емануел Макрон (кој всушност контроверзните бугарски барања од Македонија ги легитимира како „европски предлог“) во својата земја се соочуваше со афера за трговија со влијание и сомнежи за корупција од периодот кога бил министер за економија (2014-2017) од американската такси-компанија „Убер“, која му помогнала и во првата претседателска кампања. Аферата, која сѐ уште се истражува во Франција, доби замав веднаш откако заврши француското претседателство со Советот на ЕУ.
Тогаш се појавија илјадници „протечени“ документи што открија како „Убер“ им се додворувал на врвните политичари и колку биле подготвени од компанијата да одат далеку со корупција за да се избегне правдата. Во документите детално се опишува големата помош што оваа такси-компанија ја добила од лидерите како Емануел Макрон и поранешната еврокомесарка за дигитални прашања Нили Круз. Датотеките на „Убер“ се збирка од над 124.000 записи, вклучувајќи 83.000 имејла и 1.000 други што опфаќаат разговори од 2013 до 2017 година. Тие беа објавени во „Гардијан“ и споделени со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари и многу медиумски организации. Во нив првпат се открива како со напорите за лобирање и буџет за односи со јавноста од 88 милиони евра годишно, се регрутираат пријателски политичари за да помогнат во кампањата за нарушување на европската такси-индустрија. Од овие документи се дознава дека додека француските таксисти организирале (понекогаш насилни) улични протести против „Убер“, Макрон, сегашниот француски претседател, бил во контакт со контроверзниот шеф на такси-компанијата Тревис Каланик и му ветувал дека ќе ги реформира француските закони во корист на компанијата. Немилосрдните деловни методи на „Убер“ биле познати од порано, но за првпат датотеките даваат уникатна внатрешна слика за тоа колку далеку се одело за да се постигнат целите. Тие покажуваат и како поранешната комесарка на ЕУ за дигитални прашања Нили Круз, една од највисоките функционери во Брисел, била во преговори да му се приклучи на „Убер“ пред да истече нејзиниот мандат, а потоа тајно лобирала за фирмата, потенцијално прекршувајќи ги етичките правила на ЕУ.
Дека истрагата за случаи на корупција, со кои се поврзува и името на францускиот претседател, не е затворена се докажа неодамна, кога француската полиција изврши рација во седиштето на политичката партија на Емануел Макрон. Претресот всушност бил дел од двете истраги за можни врски меѓу консултантски фирми и предвремените кампањи во 2017 и 2022 година, јавува „Вол стрит журнал“. Жандармерија влегла во седиштето на партијата на Макрон, како и во просториите на консултантската фирма „Меккинси“, по што аферата го доби и името, јави парискиот весник „Паризиен“. Информацијата ја потврдиле и од државното обвинителство за финансии, пишува „Либерасион“ и додава дека и претходно биле претресувани канцелариите на „Меккинси“, но ова е првпат жандармеријата да биде во просториите на партијата на Макрон. Претресот е извршен врз основа на две истраги што ги води обвинителството, а француските медиуми јавуваат дека жандармеријата ги посетила и канцелариите на финансиери на кампањата. Француските обвинители во октомври отворија истрага за финансирањето на претседателските кампањи на Макрон и финансиските неправилности поврзани со ангажирањето на консултантски фирми.

Коруптивна дискредитација на Европскиот парламент

Коруптивните краци на октоподот биле внедрени и во темелите на „принципиелноста и кредибилноста“ на институциите на ЕУ. Европските институции и понатаму се под дејство на „афтершокови“ од корупцискиот скандал во Европскиот парламент, откако во притвор заврши потпретседателката Ева Каили (грчка пратеничка), а белгиската полиција заплени и 600.000 евра во готовина во меѓународната истрага поведена поради одредени наводи дека домаќинот на Светското првенство во фудбал, Катар, лобирал за влијание.
Истрагата се сомнева дека „една заливска земја се обидува да влијае врз економските и политичките одлуки на ЕП“. Некои од медиумите веќе објавија дека од Катар „биле исплаќани високи суми пари или им биле нудени вредни предмети на лица што се високо позиционирани во ЕП“. Катар ги порекна сите обиди да биде поврзан со „обвинението за недолично однесување“.
Како што објави „Политико“, партнерот на Каили, Франческо Џорџи, кој исто така е притворен, работи како советник за Блискиот Исток и за Северна Африка во ЕП и е основач на невладината организација „Фејт импјуните“ (Борба против неказнивоста). А претседателот на организацијата, Италијанецот Пјер Антонио Парцери е клучна фигура во скандалот. Покрај него, уапсени се и неговата сопруга и ќерка, обвинет е за „политичка интервенција со членовите што работат во ЕП во корист на Катар и Мароко“. Кругот на осомничени не се затвора тука, во скандалот се инволвирани и луѓе надвор од Европскиот парламент како и невладината „Нема мир без правда“.
Грчките власти ѝ ги замрзнаа сите средства на потпретседателката на Европскиот парламент (ЕП), Ева Каили, откако таа беше обвинета за корупција, поради нејзината наводна вмешаност во корупциски скандал поврзан со Катар. Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија (ЕУ), изјави дека „белгиската истрага за наводниот поткуп во ЕП е многу загрижувачка“. Медиумите проценуваат дека скандалот се заканува да му зададе силен удар на имиџот на Европскиот парламент, кој пред сѐ се претставува како лидер во борбата против корупцијата. Познавачите велат дека ова може да биде еден од „најсериозните“ и „најнеочекувани“ напади врз Брисел во последните неколку години.

Нескриени коруптивни процеси во Македонија за имплементација на соседските договори

Најголемиот аргумент за нас, за потпишување на контроверзните соседски договори со Грција и со Бугарија што ги прифати Македонија, беа токму поддршката и активната вклученост на политичките фактори (земји и лидери) од ЕУ. На некој начин, Унијата и функционерите од ЕУ се прифаќаа како гарант за нивната „добронамерност“, а еврофункционерите и европските лидери претставуваа(т) неизбежен елемент за македонските евроинтеграции. Пред потпишувањето на Преспанскиот договор емисарите од ЕУ истакнуваа дека тој е последниот услов за Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ, но сега сепак се воздржуваат да ветат дека бугарските услови се „последни“ во преговарачкиот процес што Македонија го очекува. И покрај сета актуелна гласност за борбата против корупцијата, како исполнување на најважниот Копенхашки критериум (владеење на правото) за проширување на Унијата, се чини дека упорноста на претставниците од ЕУ е поголема во убедувањето на Македонците да се согласат на уставните измени за внесување на Бугарите во преамбулата. Целиот тој процес, кој според некои аналитичари има индикатори за убедувачко-коруптивен-влијателен „заплет на европски интереси“, создава амбиент во македонската јавност во кој е легитимно сомневањето дека секој од инволвираните актери во процесот се стекнал со одредена придобивка од штетата што ѝ е направена на Македонија. Некои аналитичари дури се порадикални и тврдат дека е можно и лобирањето да е проследено со коруптивни поведенија.
– Кога се инсистира на спроведување договори што предизвикуваат толку силна магнитуда на општествено-политички потреси во една држава, кои притоа се толку еднострани на штета на Македонија, во најголема мера ми создава сигурно уверување дека се засновани на корупција. Всушност, целиот процес на изгласување на Преспанскиот договор беше коруптивен, што дури не се ни криеше од оние што го спроведуваа. Отворено и јавно беа поткупени пратениците што требаше да го постигнат потребното мнозинство. За осум пратеници беа изведени осум начини на корупција: од затворање па помилување, преку менување кривичен закон за да нема одговорност, до давање тендери на фирми на блиски на пратениците… Ако толку е вложено за корупција на пратеници, може само да се претпостави (или, сепак, не може) со колкави придобивки се стекнале главните актери на процесот – вели професорката Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија.
Сомнежите за некаква коруптивна поврзаност на европските фактори за поддршката на соседските договори, штетни за Македонија, професорката Грчева смета дека сепак се на ниво на основи за сомневање, што можеби треба да се истражува, но засега нема докази.
– За францускиот предлог со кој ни се „препакувани“ бугарските барања, а ни го „сервираше“ францускиот претседател Макрон, всушност постоеше политички консензус на повеќе држави во ЕУ, кои се заинтересирани да запре проширувањето на Унијата. Во таков контекст на политички интерес во ЕУ, Бугарија со своите уцени спрема Македонија, всушност, им прави услуга на оние што се против проширувањето. Затоа не ја земам предвид опцијата Бугарија да корумпирала еврофункционери за ова прашање, зашто пронашле заеднички политички интерес, иако целосно спротивен на декларираните европски принципи и вредности – заклучува Солза Грчева.
Во истиот контекст, други соговорници токму во „заедничкиот политички интерес на земјите на ЕУ“ ги лоцираат коруптивните поведенија за постигнатиот договор, бидејќи тргувањето со интерес (меѓу членките на ЕУ, „јас тебе – ти мене), што не е во согласност со процедурите и темелните вредности на Унијата, исто така влегува во областа на коруптивни поведенија и практика.


Јавноста и во Грција, а и во Македонија, многу брзо го изгуби интересот за тоа да се излезе со материјални докази во јавноста „кој е во право во меѓусебните обвинувања на грчките политичари“ во врска со коруптивни поведенија поврзани со Договорот од Преспа!

Меѓусебни обвинувања за корупција и кај грчките политичари за Преспанскиот договор

Во периодот по потпишувањето и ратификувањето на Преспанскиот договор во грчкиот парламент, поранешниот грчки министер Никос Коѕијас поднесе тужба против лидерот на Независни Грци, Панос Каменос. Во тужбата, поранешниот шеф на грчката дипломатија истакна дека постојат уценувачи што му се заканувале, кои го клеветеле, со цел да ја оцрнат и самата политика што тој ја водел, а тоа е Договорот од Преспа. Коѕијас пишуваше дека уценувачите ширеле три лаги за да го принудат да замолчи: дека зел 50 милиони евра од Сорос, дека крадел пари од тајните фондови на грчкото министерство за надворешни работи и оти на нелегален и за него профитабилен начин одбрал компанија за издавање визи. Панос Каменос тогаш возврати дека е „подготвен и ќе ги достави сите докази до правдата од која толку се плаши Коѕијас“.
Факт е дека јавноста и во Грција, а и во Македонија, многу брзо го изгуби интересот за тоа да се излезе со материјални докази во јавноста „кој е во право во меѓусебните обвинувања на грчките политичари“!