Глобалното движење „Фешн револушн“ годинава одбележува десет години активизам и залагање за етичка, одржлива и фер модна индустрија за сите. Неделата на модната револуција ќе биде одбележана со десетдневна акција и серија интересни локални настани во 75 земји, вклучувајќи ја и Македонија.
– Во текот на Неделата на модната револуција, која годинава ќе ја одбележуваме од 15 до 24 април, ќе споделуваме со вас добри практики, едукативни материјали и практични вештини за подобра и зелена иднина – информираат од „Фешн револушн“.
Темата е како да се биде моден револуционер.
– Годинешната тема ја поканува нашата глобална заедница да сподели една деценија учење за тоа што значи да се биде дел од револуцијата, вклучувајќи ги достигнувањата, советите и надежите за иднината. Ќе ги слушнеме градителите на заедницата, креативните мислители и организаторите што помогнаа да се поттикнат десет години модна револуција да ја инспирираат и водат следната генерација на модни револуционери и да ја истражат улогата на модата во поттикнувањето на социјалната и еколошката правда. Секој има свој удел во градењето на модната индустрија, која ги става луѓето и планетата на прво место, но може да биде предизвик (од каде) да се почне – истакнуваат од „Фешн револушн“.
Во последните десет години модните револуционери неуморно бараат модна индустрија што ги цени луѓето и планетата над профитот. Горливите теми во модната индустрија, кои се движат од експлоатација на работници до деградација на животната средина, претставуваат застрашувачки етички и одржлив предизвик.
Тимот на македонскиот разгранок на „Фешн револушн“ годинава направи избор на филмови за одржлива мода и поканува на дводневната ревија на моден филм што ќе се одржи на 16 и 17 април во „Јуроп хаус“ во Скопје.
– Филмот нуди моќна алатка за анализа на овие сложености и поттикнување на акција. Филмовите што се занимаваат со начинот на кој се третирани луѓето што работат во модната индустрија, како и последиците за животната средина, служат како потресни рефлексии на реалноста, поттикнувајќи нè повторно да го процениме нашиот однос со облеката и потрошувачките навики. Ќе разменуваме искуства, одржливи практики, совети и ќе се едуцираме како подобро да се грижиме за нашата облека и како да станеме еколошки поосвестени вљубеници во модата – велат организаторите. С.Ј.