фото: Зоран Антоски

Годишен концерт во големата сала од Центарот за култура во Кичево синоќа одржа КУД „Бисер“, на кој гости беа културно уметнички друштва од Младеновац – Србија и од Јегуновце – Македонија.

Овој концерт е почеток на одбележување на 20-годишнина од формирањето на „Бисер“, потврди неговиот претседател Младен Ванчоски.

– Со извесно задоцнување синоќа во Центарот за култура го одржавме традиционалниот годишен концерт. На годишниот концерт нашето друштво се претстави со постановките Ѓурѓовден, Истерување на чумата, Посеље и Пијанец. Концертот беше збогатен и со настапи на наши гости од КУД „Извор“ – Јегуновце, кои ги изведаоа орските сплетови Копачија и Водарки, а пред кичевската публика се претстави и КУД „Шумадија“ од Младеновац со игри од Србија. Се надеваме дека со нашите изведби ги задоволивме љубителите на фолклорот од нашиот град, кои од година на година ги има во сѐ поголем број, што најдобро го потврди и преполната сала на синоќешниот концерт – истакна Ванчоски.

На КУД „Шумадија“ ова му беше возвратна посета на кичевското друштво, откако пред почетокот на летото членовите на „Бисер“ беа гости во Младеновац.

З.А.