Продукциската куќа „Вајб“ од Тетово изработи уште еден концерт за чиста десетка. Поп-принцезата Јелена Томашевиќ, ѕвезда што сјае веќе 15 години, учесничка на „Евровизија“, на која за својата земја го освои шестото место, во своето портфолио има два албума, а годинава го издава својот трет албум. Иако нејзиниот тип на музика не е мој, преполниот концерт во Македонската филхармонија беше одличен. Во Скопје настапи со својот бенд, составен од бас-гитарист, клавијатурист, тапанар и саксофонист. На сцената блесна со својот изглед, но и божествен глас, растопувајќи ги срцата на публиката со прекрасните композиции од најголемите автори на музика: „Панта реи“, „Океани“, „Кошава“, „Име моје“, „Радио свира за нас“, „Ово није љубав“, „Меланхонија“… Во меѓувреме раскажа мали приказни за тоа како настанале одредени песни. Една од нив е онаа за куќата во Котор, со два заѕидани и еден отворен прозорец, за трите сестри вљубени во еден морнар што никогаш не се враќа од својата морепловска авантура.
Најголем дел од песните се посветени на женската душа, па јасно е зошто најголем дел од публиката се жени што се поистоветуваат со текстовите на песните. Тие ги знаат речиси сите текстови, ги пеат заедно со неа, колективна посветеност на нивните најдлабоки чувства.

Томашевиќ ја раскажа и приказната за тоа како настанала обработката на песната „Битанга и принцеза“. Нејзината изведба ја нема онаа тестостеронска енергија како во изведбата на „Бијело дугме“ и вокалот на Бебек, но има некоја друга нежна енергија. Кога Бебек ја слушнал нејзината изведба, рекол: „Јас ја испеав песната како битанга, а таа како принцеза“. На репертоарот изведе и некои стари македонски песни, поткрепени од нејзината прекрасна музичка придружба.
И тогаш доаѓа најсветлата точка од концертот. Се исклучуваат светлата, само еден сноп светлина и црвена заднина, музичарите не свират, само нејзиниот глас и тишина во публиката. И почнува а капела на „Где си било, јаре моје“, која траеше неверојатни 2-3 минути, а откако заврши следуваше бескраен аплауз.
По два часа пеење и неколку биса и комплетен триумф на емоциите, публиката препознава што е што и ја наградува со долготрајни аплаузи.

Љупчо Давчев