Промоција на книгата „Вовед во славистиката“ од Емил Ниами ќе се одржи на 25 јануари, во 19 часот, во КИЦ. Ова е прва ваква книга во нашата земја што се занимава со историјата на словенските јазици. Во неа е даден краток историски осврт на славистиката како наука, по што се дава и кратка историја на Словените.
Фокусот на книгата е ставен на описот на сите словенски јазици, како на живите, така и на мртвите, и тоа е направено на еден современ начин, со многу полезни детали што се важни во современоста. Во книгата исто така има и дел што се занимава со обидите за создавање сесловенски јазик од минатото до денешен ден. Со оглед на тоа што ова е прв ваков труд на македонски јазик, оваа книга може да ѝ биде од корист на широка читателска публика – на сите оние што се заинтересирани за словенските јазици, филолози, слависти, како и културолози, етнолози, историчари и слично, но и ученици, студенти слависти итн.
Емил Ниами е доктор на филолошки науки (Скопје, 1977). Во 1999 година дипломирал на групите за руски јазик и книжевност и на американски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на првиот Речник на паронимите во македонскиот јазик (2020), првиот Речник на антонимите во македонскиот јазик (2021) и на првиот Речник на хомонимите во македонскиот јазик (2022), а исто така е автор и главен редактор и на првиот Речник на медиумската писменост. Се занимава со теми од областа на лексикографијата, лексикологијата, социолингвистиката и традуктологијата.
Промотори на книгата ќе бидат Димитар Пандев и Красимира Илиевска, а модератор Мишел Павловски.